Драган Николовски е нов кандидат за претседателската трка, иницијативата за собирање потписи денеска ја доставил до ДИК

До овој момент, потребните 10 000 потписи ги собраа седум кандидати

На само два дена пред истекот на рокот за собирање потписи за кандидати за претседател, до Државната изборна комисија денеска била доставена иницијатива за собирање потписи за кандидатура од страна на Драган Николовски.

Вчера, иницијатива за собирање потписи за кандидатура за претседател на државата до ДИК достави и Гоце Ристов.

До овој момент потребните 10 000 потписи ги собраа седум кандидати.

Билјана Ванковска-Цветковска, кандидат од партијата Левица, од граѓаните собра 10 500 потписи, Бујар Османи од ДУИ – 11 085, Максим Димитриевски од ЗНАМ – 11 605, Стевчо Јакимовски од ГРОМ – 11 202, Арбен Таравари од Коалицијата „Вреди“ – 10 710, кандидатот на СДСМ, Стево Пендаровски, има собрано 22 411 потписи и Гордана Силјановска, кандидат на ВМРО-ДПМНЕ – 28 086 потписи.

Сите останати пријавени кандидати за шеф на државата имаат помалку потписи – кандидатката Мерсиха Смаиловиќ поддржана од Бошњачкиот демократски сојуз има 1 876, кандидатот Вело Марковски 1 551 потпис, Ѓорѓи Манасков 468, Зорица Цветковска 255, Господин Попоски 137 потписи. Според податоците од ДИК, во овие пет дена, ниту еден потпис нема за кандидатите Томе Николоски и за Гоце Ристов.

Собирањето потписи се одвива во сите подрачни одделенија и канцеларии на ДИК сместени во седиштата на 34 локални самоуправи и пред надлежните нотари. 

Учесниците на изборите, листите со кандидати за претседател на државата треба да ги достават до ДИК најдоцна до 19 март, на полноќ.

Пронајдете не на следниве мрежи: