Арбр Адеми од ДУИ се обрати вечерва на вонредна прес конференција пред Уставниот суд.
Според него, одлуката на Уставниот суд е шокантна и е директен удар врз Охридскиот договор и мултиетничката стабилност.
Тој побара реакција од меѓународната заедница.
„Се собравме да ја осудиме шокантната одлука на Уставниот суд за забрана на изјаснување на етничката припадност. Оваа одлука претставува директен напад врз правата на заедниците во Македонија и ќе има сериозни последици за правично и еднакво функционирање на институциите. Декларирањето на етничката припадност е неотуѓиво право и неопходен елемент за да се обезбеди правична застапеност на сите заедници. Преку оваа одлука се удира на принципот на еднаквост. Одлуката за забрана на етничката припадност не е изолиран чекор. Тоа има широки и длабоки последици, вклучително и елиминирање на можноста институциите да го рефлектираат мултиетничкиот состав на нашата држава“, рече Адеми.