Едвард Џозеф: Македонија не може да си дозволи да биде уште една, трета балканска катастрофа

Експертот за меѓународни односи и за Балканот, американскиот професор Едвард Џозеф, во интервју за „Радио Слободна Европа“, одговарајќи на прашање околу обвинувањата од ДУИ за иницијативата во Уставниот суд за Законот за употреба на јазиците, рече дека Охридскиот рамковен договор е „одличен и фер“ и дека доколку има дилеми околу неговото почитување или спроведување, државава треба да ги расчисти во консултација со сојузниците.

„Единствената иднина која може ја зачува Република Северна Македонија како независна суверена земја и наследството на Македонците и на Албанците кои живеат тука, е преку одржувањето и почитувањето на оваа земја како унитарна и суверена земја и тоа го прави Охридскиот рамковен договор. Во него нема територијални поделби, нема кантони, нема ентитети… Ја гледаме БиХ и велиме дека ова е катастрофа. Го гледаме Косово и ситуацијата на северот и одбивањето да се признае – катастрофа. Северна Македонија не може да си дозволи да биде уште една, трета балканска катастрофа. Охридскиот рамковен договор е одличен и фер договор и ако имате за него несогласувања, разговарајте за нив, консултирајте се со пријателите. Тука се САД и ЕУ, консултирајте ги нив и направете фер решенија. Јас сум сигурен дека можат да бидат направени“, рече Џозеф.

На прашањето дали гледа ефект од вклучувањето на функционери од земјава на „црната листа“ на САД, Џозеф вели дека таквите чекори се “неопходни и правилни“, но и дека разочарувачки е воопшто да има потреба САД да ги презема, по долгите години транзиција низ кои поминаа македонските граѓани.

„Во една смисла може да се гледа како позитивен, конструктивен и разбирлив чекор. Истовремено, разочарувачки е што многу години по таканаречената транзиција гледаме потреба САД да прават вакви чекори, коишто од друга страна се неопходни и правилни. Но, да се вратиме на првиот дел. Најдобриот показател дека ваквата одлука беше правилна од САД, кои за жал мораа да го стават поранешниот вицепремиер Артан Груби на „црната листа“, е тоа што самата ДУИ рече дека ја почитува одлуката. Фактот дека ДУИ го рече тоа и ја потенцираше важноста на односите со САД – тоа е позитивен чекор“, рече Џозеф.

Пронајдете не на следниве мрежи: