Еден од сведоците е во бегство: Продолжува судењето за убиството на Вања и Панче

Во скопскиот Кривичен суд продолжува судењето за убиството на малата Вања Ѓорчевска и пензионерот од Велес, Панче Жежовски. За првпат ќе се изведуваат материјалните докази. Обвинителството тврди дека убиствата на Вања и Панче се мотивирани од користољубие, обвинетите пак, се изјаснија дека не се виновни. На изминатите рочишта сведочеа најблиските од семејството на Вања и на Панче, и полициски службеници, вклучени во истрагата.

Еден од сведоците, Гоце Трајковски е во бегство. На 15-ти ноември требаше да сведочи за неговата улога во потрагата по Вања, но не се појави во судницата поради како што беше речено панични напади. Трајковски кој е сведок во судењето против првоосомничениот Љупчо Палевски Палчо се сомничи и за палење на објект во скопска Кисела Вода во кој живееле станари.

По него се трага – споделија информација од Основното јавно обвинителство.

Неговата мајка Кираца Трајковска на 15 ноември пред судот кажа дека нејзиниот син е оправдано отсутен односно имал паничен напад и висок притисок.

Обвинети за убиствата на Вања Ѓорчевска и на Панче Жежовски се Љупчо Палевски Палчо како првообвинет и Велибор Манев, Влатко Кешишов и Боре Видевски, а таткото на Вања, Александар Ѓорчевски е обвинет за помагање во грабнувањето на неговата ќерка.

Според обвинението, четворицата првин го убиле Панче, за да му го земат возилото, а неколку дена подоцна, со тој автомобил ја грабнале Вања, со намера за неа да побараат откуп од членовите на семејството.

Пронајдете не на следниве мрежи: