Покрај автомобилите и другите загадувачи кои го загрозуваат здравјето на луѓето со емитување штетни гасови, улиците и тротоарите во урбаните средини исто така ги трујат луѓето.
Новата студија на експерти од Универзитетот „Јеил“ го испитувала асфалтот како извор на секундарни органски аеросоли, еден вид честички поврзани со предизвикување астма и други здравствени заболувања.
Откриле дека асфалтните површини се поголем извор на овие честички во текот на летото отколку бензинските и дизел моторите заедно.
Во градовите, аеросолното загадување е голем здравствен проблем, особено во потоплиот дел од годината. Тим од „Јеил“ ја започна студијата откако едно истражување не беше во можност да утврди извор на одредени штетни аеросоли на ниво на загадување во Лос Анџелес.
„Утврдивме дека емисијата на штетни аеросоли од асфалтот во голема мера зависи од температурата и изложувањето на сонце. Колку потопло и посончево, толку поголеми се емисиите“, вели Дру Гентнер, вонреден професор на инженерскиот оддел на Универзитетот „Јеил“, кој го водеше истражувањето.
Во текот на летните месеци, асфалтот апсорбира многу повеќе топлина отколку природните површини.
Затоа го загреваа асфалтот во лабораторијата. На температура од 40 степени Целзиусови, забележале дека ослободува органски аеросоли.
Сепак, на температура од 60 степени Целзиусови (што асфалтот го постигнува без проблеми во текот на летната жештина), утврдено е дека нивото на емисии на штетни материи се удвојува.
Покрај тоа, загадувањето се зголемува уште повеќе како резултат на сончевото зрачење. Ако асфалтот е изложен на сончеви зраци на летен интензитет, емисијата на штетни материи е 300 проценти поголема.