„Тито на Второто заседание на АВНОЈ во Јајце во 1943 година ги направи Славомакедонците народ и им создаде држава. Славомакедонците никогаш дотогаш не биле признати како народ и немале држава сама по себе. Никогаш не постоело пријателство меѓу нив и Албанците. Денес и покрај Охридскиот договор, расистичката македонска власт ги гази албанскиот јазик и култура во Македонија. Но, Албанците се чинител, без кој Македонија никогаш не ќе можеше да стане држава, ниту да постои како држава.“ – овие тешки етнички навреди и омаловажувања кон македонскиот народ и Македонија како држава ги изнесе Реџеп Елезај, публицист и аналитичар од Косово, во својата колумна со наслов „Не е точна констатацијата дека Македонците ни се пријатели!“, објавена во влијателниот весник на албански јазик „Бота сот“ од Приштина.
Реџеп Елезај наведува: По заедничката средба на владите на Косово и Северна Македонија во Приштина косовскиот премиер Албин Курти порача: „Ние сме соседи, пријатели и партнери“. Воопшто не е точно дека сме пријатели со Македонците, бидејќи никогаш не постоело пријателство меѓу Албанците и Македонците во долгата историја во нивните меѓусоседски односи. За ова сведочат многу трагични настани, несогласувања и физички судири пред и по Втората светска војна (1945) и до 2001 година кога е постигнат Охридскиот договор, со кој се стави крај на судирот меѓу УЧК и македонскиот фашистички режим врз Албанците. Колку ли само штети му нанесоа Славомакедонците на албанскиот народ и колку ли трагедии му предизвикаа, особено од времето кога Тито на Второто заседание на АВНОЈ во Јајце во 1943 година ги направи народ и им создаде држава. Славомакедонците никогаш дотогаш не биле признати како народ и немале држава сама по себе. Така стана Македонија шеста југословенска република.
Положбата на Албанците во Македонија отсекогаш била тешка и дискриминирачка. Дури извесен период македонскиот расистички режим ги ограничуваше раѓањата на Албанците, навредувајќи ги со секакви етикетирања и навреди, само затоа што биле Албанци. Во Енциклопедијата, составена од МАНУ, се негира постоењето на Албанците во Македонија, како обид за искривување на историјата преку „научен“ проект, за да им се негира историското и природното право врз нивната автохтона територија. Во 1991 година Албанците не учествуваа на македонскиот референдум, туку организираа свој паралелен референдум во обид да добијат политичко-територијална автономија, која ја нарекоа „Илирида“, бидејќи не се остварија нивните барања за унапредување на статусот, но и затоа што Македонците не ги прифаќаа Албанците како народ со права еднакви како нивните, туку ги третираа како национално малцинство, дури и до денес.
Беа усвоени неколку закони за употреба на јазиците во 2008 и 2011 година, но, сепак, реалноста на теренот покажа дека албанскиот јазик се третира и натаму како јазик на малцински народ, а не како основно право, што произлегува од од фактот што албанскиот народ е автохтон и државотворен елемент во Македонија. Денес и покрај Охридскиот договор, расистичката македонска власт ги гази албанскиот јазик и култура во Македонија. Албанскиот јазик воопшто не се користи во финансиските, безбедносните, разузнавачките и одбранбените институции. Албанскиот јазик како втор официјален јазик во Македонија се користи локално каде што има 20 проценти Албанци, но не е вклучен во нејзиниот Устав.
Зошто Македонците ги сметаат Албанците како опасност многу поголема за нив, одошто е опасноста од Србите. Бугарите и Грците? Србите не ја признаваат и натаму македонската автокефална црква, Грците не им ја признаваат државата, а Бугарите идентитетот. Само Албанците не им го негираат постоењето како народ и држава. Нивното непријателство кон Албанците ќе остане политичка загатка, која ќе мора албанскиот чинител да ја разјасни барем заради мирната историја на Албанците кон Македонците.
Најголемата историска грешка на Македонците е прифаќањето на српските фашистички тези кон Албанците, создавајќи голем јаз меѓу албанскиот и македонскиот народ, со кој живееле со векови на иста земја и под исто небо. Во делата на македонските историчари не може да се најде ништо афирмативно за Албанците, напротив само навреди и негативни оценки. Охридскиот договор затвори некои отворени прашања кои ги оптоваруваа албанско-македонските односи, омекнувајќи ги меѓуетничките односи во Македонија до одреден степен, зголемувајќи го процентот на Албанци вработени во администрацијата. Но македонските националистички групи вршат и натаму дива противалбанска пропаганда со лаги дека Албанците се дојденци во Македонија.
Албанците во Македонија се „осудени“ да живеат заедно со Македонците. Албанците во Македонија се „осудени“ да живеат заедно со омразата на Македонците кон нив. Тоа создава големо незадоволство, но и поради тоа што македонската држава не им гарантира живот и национална рамноправност, иако во неа 30 отсто од населението се Албанци. Албанците се чинител без кој Македонија никогаш не ќе можеше да стане држава, ниту да постои како држава. Затоа, Албанците во Македонија имаат национална обврска никогаш да не се откажат од своите историски права да живеат на своите вековни територии со свои права целосни и рамноправни со правата на македонскиот народ, кој никогаш не се покажал симпатија и пријателство кон Албанците.
Пронајдете не на следниве мрежи: ©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.