Во заедничка изјава потпишана од ЕУ, САД, Велика Британија, Обединетите Арапски Емирати и бројни европски земји се додава дека поморскиот коридор „може и мора да биде дел од континуираните напори за зголемување на протокот на хуманитарна помош и комерцијални стоки за Газа преку сите можни рути“
Брод со хуманитарна помош ќе биде упатен од Кипар кон Газа, како обид за воспоставување поморски коридор за диреткна испорака на помош за цивилното население во Газа, изјави денеска претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, пренесуваат светските медиуми.
Бродот, кој ѝ припаѓа на шпанската невладина организација „Отворени раце“ (Open Arms), ќе направи пробно патување, изјави Фон дер Лајен за новинарите во кипарското пристаниште Ларнака, каде што присуствуваше на подготовките за испорака на хуманитарната помош.
„Заедно го лансираме овој поморски коридор – Кипар, Европската Унија, Обединетите Арапски Емирати и Соединетите Американски Држави. Блиску сме до отворање на овој коридор, се надевам оваа сабота/недела“,
изјави претседателката на ЕК, додавајќи дека коридорот се отвора како одговор на хуманитарната катастрофа што се случува во Газа, пренесува регионалниот сервис на Радио Слободна Европа (РСЕ).
Во заедничка изјава потпишана од ЕУ, САД, Велика Британија, Обединетите Арапски Емирати и бројни европски земји се додава дека поморскиот коридор „може и мора да биде дел од континуираните напори за зголемување на протокот на хуманитарна помош и комерцијални стоки за Газа преку сите можни рути“.
„Ќе продолжиме да работиме со Израел за да ги прошириме испораките преку копно, инсистирајќи да ги олесни рутите и да отвори дополнителни премини за помошта да стигне до што повеќе луѓе“,
се наведува во соопштението.
I welcome Cyprus’ ambition to play a constructive role in the Day After.
The Amalthea initiative in itself is a powerful symbol of hope for the future.
It can serve for both reconstruction and trade in the medium to long term↓ pic.twitter.com/uNRWCJsc48
— Ursula von der Leyen (@vonderleyen) March 8, 2024
Кипар е земја членка на ЕУ лоцирана во источниот Медитеран и е најблиску до Газа, на околу 370 километри одалеченост. Лобирањата за отворање на поморскиот коридор траеја со месеци, но процесот наиде на предизвици, кои се движеа од недостаток на пристанишна инфраструктура во Газа до безбедносни прашања.
Претседателката на ЕК денеска не ја коментираше најавата на американскиот претседател Џо Бајден дека војската на САД ќе изгради привремено пристаниште на брегот на Газа за прием на бродови со храна, вода и лекови.
Бајден во своето вчерашно обраќање до нацијата во Конгресот на САД, ја повтори својата поддршка за Израел, но ги повтори и повиците до израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху да овозможи поголем проток на хуманитарни залихи за Палестинците во Газа.
„На лидерите на Израел, им го велам ова: Хуманитарната помош не може да биде споредна работа или договор за пазарење“,
рече Бајден во Конгресот.
Тој, исто така, ги повтори повиците до Израел да стори повеќе за да ги заштити цивилите во конфликтот.
Според американските власти изградбата на доковите за бродовите може да потрае со недели.
„Нема да има американски војници на теренот“,
рече Бајден, кој не прецизира каде би можело да се наоѓа планираното пристаниште.
Сè уште не е јасно дали Израел или други сили ќе ја обезбедуваат безбедноста на привремениот објект.
Агенцијата Ројтерс пренесе реакција на висок функционер на израелската влада на говорот на Бајден, кој вели дека Израел и САД ја координираат морската рута за снабдување со хуманитарна помош и дека ваквиот проект би бил овозможен, но со безбедносно одобрување.
Палестинските власти ја поздравија најавата на Бајден, додека Хамас засега не одговара на барањата на Ројтерс за коментар за американскиот план.