Долгоочекуваниот филм за најпознатата кукла во светот – Барби, пристигна во кината. Во филмот се појавува и ликот на Рут Хендлер – жената која ја создаде куклата Барби и им даваше на девојките неверојатен извор на инспирација со генерации.
Рут Хендлер, исто така, направи револуција во индустријата за играчки кога ја создаде најпопуларната кукла во светот денес – и онаа со пропорции на возрасна жена.
Пред да се појави Барби, девојките најчесто си играа со кукли, што ги инспирираше да бидат мајки. Така, уште од најраното детство, индустријата за играчки ја ставила улогата на мајка која треба да ја храни, пази и негува куклата.
Секако, заедно со тоа доаѓа и цел сет на додатоци, со цел да ги научат девојките дека нивната највисока и најценета цел во животот е да станат мајка.
За среќа, на почетокот на 1950-тите, Хендлер имаше тогаш прилично револуционерна идеја дека играњето со кукли кои изгледаат како возрасни жени ќе им помогне на девојките да замислат што би можеле да станат кога ќе пораснат.
Хендлер црпела инспирација од нејзината ќерка Барбара, која играла со хартиени кукли. Рут на крајот ја нарече својата легендарна кукла Барби, по нејзината ќерка Барбара.
Хендлер веќе го коосновала Мател со нејзиниот сопруг во 1945 година за да продава рамки за слики пред да се насочат кон мебел за кукли и на крајот други играчки. Но, кога на директорите им ја открила идејата за кукла што изгледа како возрасна, тие силно се спротивставиле. Ниту една мајка, се расправале, нема да и купи на ќерката кукла со гради.
Идејата била ставена на чекање до 1956 година кога, на одмор во Европа, Хендлер видела германска кукла „Билд Лили“ во продавница. Куклата била заснована на идеја од пин-ап стрип со раскошна фигура и била дизајнирана како секси жена за војниците за време на Втората светска војна.
Хендлер однела една од куклите во САД за да им докаже на дизајнерите на Mattel дека можат да произведат нешто слично.
И така конечно се роди „Барби“, за првпат претставена на саемот за играчки во Њујорк во 1959 година, облечена во сега култниот костим за капење со црно-бели пруги што во филмот Барби ѕвездата Маргот Роби го носи во првата сцена. Барби стана голем хит, а обожавателите замолиле да има момче, па се роди Кен, кој го доби името по синот на Рут Хендлер.
Како што минуваа годините, Барби стана многу повеќе од кукла која девојките ќе се пресоблекуваат. Таа стана вистинска жена од кариера – од доктор, ветеринар, астронаут, телевизиски репортер, адвокат и сè што ќе ви текне. Нема граници за Барби. Таа може да биде се што сака. Не мора да биде само мајка. И тоа е она што Рут го сакаше од самиот почеток.
Протеза на дојка по мастектомија – измислена од Рут Хендлер
Рут се соочувала со бројни проблеми во текот на животот, но храбро го прифатила секој од нив и го претворила во нешто добро. Контроверзните гради со кои си играат малите девојчиња всушност кријат инспиративна позадина за болеста која таа успеала да ја претвори во толку вредно наследство.
Во 1970 година, на Рут Хендлер и бил дијагностициран рак на дојка. Губењето на самодовербата поради губењето на градите накратко ја оддалечило од Мател, а во еден момент помислила дека ќе ја изгуби целосната контрола над својот бизнис.
За време на потрагата по адекватна протеза по мастектомија, Рут одлучила дека сака да им помогне на другите жени кои се нашле во слична ситуација. Таа измислила протези за гради, а нејзината компанија „Nearly Me“ им помогнала на илјадници жени во истата ситуација кога ја пуштила во продажба првата протеза направена од течен силикон.
До тој револуционерен момент, жените користеле марамчиња, памучна вата или чорапи за да ги наполнат градниците.
Неколку децении откако ги загуби градите и повеќе од две децении откако излезе првата кукла, таа јавно објасни дека Барби куклата со гради не е во служба на објективизација на жените, туку во служба на женското зајакнување и прифаќање на грациозното тело на секоја од нас.
-Кога ја создадов Барби, верував дека е важно за самодовербата на малите девојчиња да си играат со кукла што има гради. Сега ми е уште поважно да им ја вратам таа самодоверба на жените кои ја изгубила“, рекла Рут во едно интервју.