Заев очекува до 20 мај да се најде решение за гувернер на НБРМ

Премиерот Зоран Заев во врска со денешната средба со претседателот Ѓорге Иванов за избор за гувернер на НБРМ рече дека заклучиле дека треба во соодветниот рок Македонија да избере гувернер.
– Разменивме одредени идеи и заедно заклучивме дека треба во соодветниот рок Македонија да избере гувернер. Не е добро за имиџот на државата, иако постои решение преку Советот на НБРМ, сепак Македонија треба да има гувернер, рече Заев во изјава за медиумите по завршувањето на судското рочиште за „Поткуп“.
Според него, една од работите кои што секојпат биле добри во Македонија со децении била стабилноста на монетарната политика, курсот на денарот и она што значи стабилно градење на сите економски политики, вклучително и фискалната политика.
– Се надевам дека ќе продолжат ваквите состаноци меѓу нашите советници или директно меѓу мене и Иванов за да изнајдеме решение и до 20 мај да избереме гувернер на НБРМ, вели Заев.
Премиерот истакна дека сегашниот гувернер Богов сериозно го почитува, како и огромен дел од парламентарното мнозинство, но, како што додадем некои имаат и замерки што ги истакнале пред мене, а тој му ги пренесол на претседателот Ѓорге Иванов.
Заев не сакаше да зборува за деталите од средбата со Иванов.
– Богов кој седум години беше гувернер, четири години вицегувернер верувам дека има многу квалитети и треба и понатаму да се искористи неговиот капацитет и да и служи на Македонија, рече Заев.
Денешната средба со претседателот Иванов се одржа на барање на Заев, а како што информираше претходно Кабинетот на претседателот, двајцата се согласиле дека Народната банка на Република Македонија не смее да се остави без гувернер, бидејќи тоа би имало негативни импликации врз економијата на државата.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.