Западот смета дека изборите во Русија не беа ниту слободни, ниту фер

По извесната победата на Владимир Путин на претседателските избори во Русија, веќе се редат реакциите на Западот, објави Н1. Портпаролот на Советот за национална безбедност на Белата куќа рече дека е јасно дека изборите во Русија не беа ниту слободни, ниту фер, со оглед на тоа што Путин ги затвора политичките противници и ги спречува другите да се кандидираат против него.

Фото: EPA-EFE/MAXIM SHIPENKOV

Украинскиот претседател Володимир Зеленски, пак, во вечерашното обраќање го нарече Путин диктатор кој копнее за моќ.

„На сите во светот им е јасно дека оваа личност, како што се случило многу пати во историјата, едноставно е болна од моќ и прави се за да владее вечно. Нема зло што не би го направил за да го продолжи своето владеење“,

рече тој.

Во меѓувреме, полското Министерство за надворешни работи предупреди дека изборите не биле легални, слободни и фер, додавајќи дека гласањето се одвивало во услови на строга репресија и во окупираните делови на Украина, кои го прекршиле меѓународното право.

Германското Министерство за надворешни работи попладнево се огласи на социјалната мрежа Х.

„Псевдоизборите во Русија не се ниту слободни, ниту фер, исходот никого нема да изненади. Путин владее на авторитарен начин, потпирајќи се на цензура, репресија и насилство. ‘Изборите’ на окупираните територии на Украина се ништовни и се уште едно кршење на меѓународното право“,

смета германското МНР.

Сојузникот на починатиот руски опозициски лидер Алексеј Навални, Леонид Волков, ги отфрли изборните резултати. „Се разбира, процентите на поддршка за Путин немаат никаква врска со реалноста“, нагласи тој.

Пронајдете не на следниве мрежи: