Судот во Росток, Германија го осудил 49-годишниот Енрико Б. на три години и десет месеци затвор поради оштетување на три жени за околу 230.000 евра.
Пресудата во салата ја следеле бројни бизнисмени и приватни лица кои велат дека Енрико Б. финансиски ги измамил, па се очекува да следи понатамошна судска постапка за други измами направени од него, пишува магазинот Fenix.
Во судницата на денот на пресудата имало и бројни претставници на медиумите и гледачи кои дошле да го видат „атрактивниот гробар“ кој ги мамел ужалените жени.
Како што пишуваат германските медиуми, Енрико Б. е гробар со атрактивен изглед, а своите жртви, односно жени, ги „ловел“ во чувствителен момент додека тагувале, а така тој ја добивал нивната доверба, а потоа им ветувал заедничка иднина, но на крајот целта му била само финансиска измама.
Станува збор за измама во 11 случаи, штета од околу 230.000 евра и три жртви кои конечно сакаат да го видат во затвор Енрико Б. од Росток. Жртвите за германскиот RTL изјавиле дека навлегле во приказната на згодниот гробар. Сите биле осамени, а тој ја добивал нивната доверба.
Го обвинуваат дека намерно барал нивна близина, дека ги принудувал на интимна врска, им ветувал заедничка иднина, за потоа финансиски да ги оштети.
Една од измамените жени (63 г.) изјавила дека тој е човек кој се преправал дека ја сака, но подоцна грозоморно ја ограбил.
Подобро се запознале по смртта на нејзиниот сопруг во 2019 година, Енрико Б. се погрижил за кремирањето и се што било важно околу погребот.
„Беше навистина екстремна ситуација. Тоа беше голем предизвик за мене. Бев среќна кога ми понуди да ми помогне бидејќи морав се да направам сама“, изјавила жртвата.
Жената кажала дека Енрико бесрамно ја искористил смртта на нејзиниот сопруг.
„Одеднаш, тој цело време се појавуваше, беше со мене за да разговара и ме прегрнуваше. Тој беше привлечен. Се разви однос на доверба. Бидејќи наводно имал проблеми со даночната управа и сакал да купи куќа, неколку пати му позајмував пари. Ми изгледаше на чесен човек“, кажала жената.
Отпрвин, нивната врска била пријателска, а потоа станала интимна.
Што се однесува до парите, Енрико и ветил дека наскоро ќе и ги врати. Но, освен неколку илјади евра, не добила ништо. Тој и должел околу 140.000 евра.
„Му реков дека ќе го пријавам доколку не ги врати парите. Потоа гласно се насмеа и кажа: „Така направи“. Беше многу сигурен дека никој нема да му наштети“, раскажала оштетената жена.
Обемните обвинувања не сакал да ги коментира Енрико Б. Адвокатот на одбраната Бенџамин Ричерт кажал дека неговиот клиент не се однесувал „криминално“ кон жените.
За еден од сведоците и за другите две жени вели: „Таа го прогонува мојот клиент со некакво религиозно лудило. Според мене, сите три жени не се кредибилни, се договорија меѓу себе. Сакаат да го стават мојот клиент во затвор“, изјавил адвокатот на Енрико.
Сепак, се чини дека судијата мислел поинаку и го испратил атрактивниот гробар во затвор, пренесува магазинот Fenix.
Пронајдете не на следниве мрежи: ©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.