Болниците се полнат со ковид-пациенти, во целата земја се хоспитализирани 1427 позитивни и сомнителни на коронавирусот, само во Скопје биле примени 79 во едно деноноќие. Според министерот Венко Филипче, во средина сме на новиот, трет бран на вирусот, а масовната имунизација се очекува да почне во април, откако ќе стигнат поголемите количини вакцини од Русија и Кина. Европската комисија, пак, воведува нова регулатива за да го подобри механизмот за распределба на вакцините, со што нашата земја повеќе нема да биде изземена од алатката за контрола на нивниот извоз од ЕУ.
Регулативата на ЕК вклучува 17 земји (земјите од Западен Балкан и уште 11 низ светот) кои досега беа изземени од механизмот за надзор на извозот. Поради проблеми со испораката од фармацевтските компании и недостигот на дози за масовна вакцинација во земјите членки на Унијата и за поголема транспарентност во трговијата со вакцини, водечки принципи на дозволите за извоз кон трети земји ќе бидат пропорционалност и реципроцитет. Пропорционална распределба на вакцините ќе се утврдува според тоа дали условите што преовладуваат во земјата (епидемиолошката состојба, стапката на вакцинација и пристапот до вакцините) се подобри или полоши од оние на ЕУ. Со реципроцитетот, пак, ќе се следи дали државата која ги произведува вакцините го ограничува сопствениот извоз на вакцини или нивни суровини.
Според претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, промените се потребни зашто земјите на ЕУ се соочуваат со трет бран од КОВИД-19, додека некои компании не си ги почитуваат обврските од склучените договори за испорака на дози во ЕУ.
Министерот Филипче рече дека промените не се однесуваат на нашите билатерални и директни разговори со компаниите, туку само на механизмот на солидарност.
– Се однесуваат исклучиво на механизмот на солидарност односно на вакцините коишто доаѓаат од земјите членки на ЕУ. Ние и на тој механизам интензивно работиме во изминатиот период. За тоа е веќе потврден грантот, некои детали уште се разработуваат и, секако, некои детали во однос на одговорностите што се однесуваат на трилатералните договори. Тоа значи дека тој механизам на солидарност на ЕУ дефинитивно ќе профункционира по сите надминувања на проблематичните елементи, а тоа, пред се, беше што и самите компании не испорачаа доволно дози кон земјите членки на ЕУ. Ова не се однесува никако на билатералните директни разговори на која било земја од Западен Балкан со која било компанија, вклучувајќи ги и европските производители, изјави Филипче вчера за ТВ Телма.
Соопшти дека масовната имунизација се планира во април и ќе почне со поголемите количини што треба да стигнат од Кина и Русија. Од претставници на компанијата и од Руската амбасада добиена е потврда, рече, дека ќе стигне втората количина од вакцината „Спутник В” и се очекуваат информации и за останатите количини од 200-те илјади руски вакцини, а во завршна фаза е и договорот, а се однесува околу транспортот, за исто толку вакцини на кинеската „Синофарм”.
Премиерот Зоран Заев вчера изјави дека на крајот на месецов се очекуваат првите количини вакцини преку Ковакс-системот, а следната недела и вторите дози од руската вакцина „Спутник” со која се вакцинираат здравствените работници. Попрецизни информации за доаѓањето на кинеските вакцини, рече, најверојатно ќе ги добиеме од министерот за одбрана на Кина кој ќе дојде во земјава на 30 март.
Освен продолжувањето на мерката полициски час до 6 април, засега нема нови рестрикции. Вчерашниот здрвствен билтен бележи 1347 нови случаи од 4096 тестирања, 17 починати пациенти на возраст од 23 до 90 години и 451 оздравен.
Активни случаи има 16 030, од кои повеќе од половината (8116) се во Скопје. Трицифрени активни на вирусот има во 18 општини, најмногу во Прилеп (963), Кавадарци (672), Охрид (643), Куманово (633), Велес (535), Битола (515).
Бројот на дијагностицирани од почетокот на епидемијата во земјава достигна 122 227 од 599 782 направени тестирања. Оздравени се 102 652, а 3545 луѓе починаа. хс/скс/