Ова, како што пренесува МИА, денеска го соопштил лидерот на ДУИ, Али Ахмети, по потпишувањето на коалицискиот договор со Движењето на Турците на Македонија за правда и демократија. Информацијата дека Села ќе биде носител на пратеничката листа на коалицијата „Европски фронт“ во изборната единица 5, неофицијално за „360 степени“ ја потврдуваат и од Алијанса за Албанците
Зијадин Села од Алијанса за Албанците (АА) ќе биде носител на пратеничката листа во петтата изборна единица како дел од коалицијата „Европски фронт“ предводена од Демократската унија за интеграција (ДУИ).
Ова, како што пренесува МИА, денеска го соопштил лидерот на ДУИ, Али Ахмети, по потпишувањето на коалицискиот договор со Движењето на Турците на Македонија за правда и демократија.
Информацијата дека Села ќе биде носител на пратеничката листа на коалицијата „Европски фронт“ во изборната единица 5, неофицијално за „360 степени“ ја потврдуваат од Алијанса за Албанците.
„Официјално не се договорени и не можеме официјално да ги потврдиме листите. Но, неофицијално, да, Зијадин Села ќе биде носител во петтата изборна единица“,
велат за „360 степени“ од Алијанса за Албанците.
Крилото на Села во Алијанса за Албанците вчера и официјално донесе одлука за заеднички настап со ДУИ на претстојните парламентарни избори во рамки на коалицијата „Европски фронт“. Одлуката за коалицирање со ДУИ, како што изјави вчера Села, е донесена со мнозинство гласови на Централното собрание на партијата.
Официјализирањето на соработката, односно потпишувањето на договорот за коалицирање на ДУИ со крилото на Села од Алијанса за Албанците, според најавите, ќе се случи утре во 21 часот во Гостивар.