Зошто е добро да се јаде леќа?

Леќата е зрнеста култура која достигнува висина од 40 см и обично има по две сплеснати семки сместени во мешунка. За исхрана се користи уште од предгрнчарскиот период на новото камено време и со тоа е една од првите припитомени растителни култури на Блискиот Исток.
Се одгледува ширум целиот свет и е релативно отпорна на суша. Околу една четвртина од леќата во светот се одгледува во Индија и речиси целата се троши на домашниот пазар. Најголем извозник на леќа е Канада, а во последниве две ипол децении произвотството на леќа во Македонија бележи голем пад.
Со приближно 30% од калориите во белковински облик, леќата го зазема третото место по застапеност на белковини по единица тежина од сите зрнести, оревести и мешункасти плодови, веднаш по сојата и конопот. Во белковините се застапени есенцијалните аминокиселини изолеуцин и лизин. Леќата има голема улога како важен извор на белковини во земјите од Западна Азија и Индискиот потконтинент, во кои голем дел од населението се вегетаријанци.
Леќата содржи и прехранбени влакна, фолна киселина, витамин Б1 и минерали. Црвената леќа има пониска концентрација на влакна од зелената и е богат извор на железо. Една шолја сварена леќа задоволува повеќе од половина од дневната потреба од железо кај човекот.
По боја леќата може да биде жолта, портокалово-црвена , зелена, кафена или црна. Бидејќи има мали количества на лесносварлив скроб (5%), а доста бавносварлив скроб (30%), таа е особено погодна за лица со шеќерна болест, особено црвената.

Чорба од леќа
250 г леќа
1 главица кромид
5-6 чешниња лук
2 суви пиперки
масло
1 лажица брашно
1 лажица сув зачин
1/2 лажица црвен пипер
сол
мелен црн пипер
1 лажичка сува чубрица

Варете ја леќата 15-тина минути и истурете ја водата. Налејте вода, додадете ги кромидот, лукот и сувите пиперки, и варете додека леќата не омекне. Извадете ги кромидот, лукот и пиперките, истријте ги и вратете ги во тенџерето. Од маслото, брашното и црвениот пипер направете запршка, и додадете ја во тенџерето. Посолете, зачинете ја чорбата со сув зачин, црн пипер и чубрица, и промешајте.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.