Градите доаѓаат во сите форми и големини, но едно нешто им е заедничко – градите се уникатни кај луѓето. На планетата живеат над 5.000 видови цицачи, но луѓето се единствените живи суштества кои имаат перманентни гради. Некои сметаат дека оваа човечка аномалија е секси, но не можете а да не се запрашате: Зошто човечките гради се толку големи? Дали биле грешка во еволуцијата?
Зошто човечките гради се толку големи?
Секој цицач развива привремени гради за време на овулација или доење. Воглавно, нивната задача е да произведуваат млеко. Па, штом нема млеко, исчезнуваат и градите. Но ова не важи за жените чии гради се формираат во текот на пубертетот, а не за време на бременоста. Па во некој момент од еволуцијата нешто се променило. Зошто?
На пример, во 1987-ма година биологот Тим Каро истражувал седум постоечки теории поврзани со оваа тема. Според едната, градите му овозможуваат на новороденчето да цица додека е поставено на колкот. На овој начин мајките се поподвижни и можат да работат и нешто друго. Но ова не објаснува зошто градите остануваат откако мајката ќе престане со доењето.
Можеби најпознатата теорија за ова е предложена од Чарлс Дарвин, а потоа и истражена од зоологот Дезмонд Морис. Во неговата книга од 1967-ма година, „Голиот мајмун“ (The Naked Ape), Морис смета дека градите еволуирале како секс симбол за да го заменат отокот на половите органи кај женките примати за време на овулација. Штом нашите предци почнале да се движат исправено, сексуалните органи не биле толку лесни за забележување. Па, мажјаците не можеле со сигурност да знаат кога женката е сексуално зрела. Поради ова се развиле градите. Оваа теорија објаснува зошто градите на жените растат за време на пубертетот, но не може да објасни зошто остануваат и по менопаузата.
За да се открие точниот одговор, потребно е внимателно набљудување на женските гради. Една од најголемите разлики е тоа што градите на жените имаат повеќе масно ткиво за разлика од градите на женките од другите видови. Ова масно ткиво ги исполнува градите и им дава форма – исто како млекото, но е перманентно. Човечките гради можат да се зголемат до тој степен, што жената чувствува болки. Поради ова многу жени прават операција за да ги намалат градите. Само во САД во 2016-та година, 61.000 жена направиле ваква операција.
Но градите не се само неудобни, тие можат да бидат и смртоносни. На пример, ракот на дојката е одговорен за најмногу смртни случаи поврзани со рак кај жените. Секоја година се појавува кај 1,5 милиони жени, а само во 2015-та убил 570.000. Колку што им е познато на научниците, ракот на дојката не е толку чест кај другите примати. Можеби причината е тоа што ризикот од рак се зголемува со возраста, а другите примати не живеат толку долго. Или пак можеби болеста е поврзана со самото перманентно ткиво на градите.
Ракот е почест кај ткивото во кое има брза делба на клетки. Секој пат кога клетките се раѓаат и умираат, постои можност да настане грешка во циклусот. Клетката со грешка може да стане канцерогена. Клетките во ткивото на градите се делат многу брзо, па има поголем простор за грешки.
Градите си го нашле нивното место во човечката култура и општество. Можат да направат жените да се чувствуваат сакано, ослободено и моќно. Исто така, со градите се изградени цели индустрии благодарение на нивната моќ за привлекување. За добро или лошо, човечките гради ќе останат иако сè уште не знаеме што ја предизвикува нивната големина.