Иако 99,9% од македонските медиуми погрешно го пишуваат името на фудбалскиот клуб Џеноа, каде настапуваше и Горан Пандев, и мнозинството Италијанци не знаат зошто во името на овој клуб „фали“ една буква. Но, тие барем не го грешат.
Сè започнало на 7 септември 1893 година, кога десет Англичани, и покрај рамнодушноста на џеновјаните, се состанале во просториите на конзулатот на Нејзиното височество кралицата Викторија за да го официјализираат клубот кој спроведувал спортски активности повеќе од една година: асоцијација за крикет и атлетика која ќе се вика токму како што Англичаните го нарекувале градот кој толку години бил нивен дом – Џеноа, без „V“ (В на кирилица) во последниот слог. Така се родила Genoa Cricket & Athletic Club (Џеноа крикет и атлетски клуб), првиот италијански фудбалски тим, кој го поседува и најстариот пишан документ со кој се потврдува датумот на неговото основање. Џеноа не е единствен италијански клуб формиран од Англичани. Уште попознат е Милан, формиран од Херберт Килпин со име кое на англиски, но и на локалниот милански дијалект, значи Милано.
Приказната на Џеноа не завршува тука, бидејќи одреден период клубот навистина се викал Џенова, со „В“.
Станува збор за фашистичкиот период во кој биле „италијализирани“ имињата на фудбалските тимови. Од Genoa Cricket & Athletic Club се променил во Genova 1893 Circolo del Calcio; ова се случило со декрет на одборот на клубот Џеноа од четврток 28 октомври 1928 година. Ова исто така предизвикало терминот genoano (џеноанец) да се промени во genovano (џеновјанец). Друга промена во овој период биле грбовите на тимовите, во кои бил вметнат фашистичкиот фасцес (римски сноп од бреза кој вклучува секира), кој во логото на Џенова бил држен од грифонот. Фашистичкиот режим на Бенито Мусолини не сакал во неговата Италија да има ништо поврзано со странско влијание, па оттаму биле наредени и промените. Друг клуб кој претрпел промена, дури уште подрастична, бил милански Интер, чие име од Интернационале било променето во Амброзиана, бидејќи Интернационале не асоцирало на ништо италијанско.
По падот на фашизмот и крајот на Втората светска војна, клубот си го вратил името Џеноа, бришејќи ја буквата „V“ (В) од името, и станал Genoa Cricket and Football Club. Но, иако си го вратила минатото, Џеноа никогаш не се вратила на старата слава од пред војната, кога жарела и палела на Чизмата. Деветте освоени Скудета до 1924 година, заедно со едната Копа Италија од 1937, и ден денес се истите на број.
Граѓаните на градот Џенова ден денес го користат историското име на клубот, односно Џеноа. Затоа, секое именување на овој клуб како Џенова е непочитување на истиот, неговата историја и традиција.
Постои и една неточна теорија дека името Џеноа без „В“ е името на градот Џенова на локалниот лигурски јазик. Тоа не е точно. Името на градот Џенова на локалниот јазик е всушност Зена (Zêna). Името Зена доаѓа од грчкиот јазик, од зборот Ξένος (Ксенос), што значи „странец“. Не се знае како се нашло грчко име во градот со оглед на тоа што не бил хеленска колонија во антиката.
Џеноа и Бока Жуниорс
На 3 април 1905 година група млади Грци (Константинос Карулиас и браќата Јанис и Теодорос Фаренгас) и Италијанци (Естебан Баљето, Алфдредо Скарпати и Сантјаго Сана) се состанале за да формираат фудбалски клуб во работничката населба Ла Бока во Буенос Аирес. Италијанците биле всушност имигранти од Лигурија, повеќето од самиот град Џенова. Оттаму до ден денес Бока Жуниорс го носи прекарот Xeneizes (Зенеисес), што е деформација на Zeneise, што пак значи Џеновјани на лигурскиот јазик. Деформацијата со „X“ наместо „Z“ е намерно направена за прекарот да го симболизира и грчкото во клубот, бидејќи „X“ е всушност „Ξ“ од зборот Ξένος (Ксенос).
Англиско знаме на амблемот?
Кога ќе се погледне амблемот на клубот, веднаш в очи паѓа знамето на Англија кое се наоѓа над грифонот. И сите тоа го поврзуваат со англиското минато на клубот, односно основачите кои биле Англичани.
Сепак, причината за црвениот крст на белата позадина има друга историја. Како што Англија за свое знаме го употребува крстот на Сент Џорџ (Св. Ѓорѓи), така и градот Џенова на својот грб го има истото знаме, тие поради Сан Џорџо (италијанското име на светецот).
Покрај Џенова, ова знаме на својот грб го користат и Милано, Болоња, Падова, Алесандрија и Варезе. Англија е единствената држава која го користи во оригинал, додека со четири додадени крстови го користи и Грузија. Го има и во основата на знамето на Обединетото Кралство, а и во знамињата на многу други држави и територии.
Знамето на Св. Ѓорѓи било знаме на крстоносците во Светите војни на Папството, а во Италија во средниот век го користеле и гвелфите кога се бореле против гибелините (две политички структури). На пример, како што гвелфите го користеле знамето на Св. Ѓорѓи, гибелините го користеле знамето на Сан Џовани Батиста, кое е всушност денешното знаме на Данска.
Правилна употреба
Италијанската веб-страница Scuolissima, енциклопедија за правилна употреба на италијанскиот јазик, за забуната Џеноа и Џенова го дава следново објаснување:
„Ако во некои случаи имињата на фудбалските тимови од Серија А го олеснуваат учењето и запомнувањето на нивната географска локација, има и други фудбалски клубови кои, пак, предизвикуваат сомнеж. Ова е случајот со Џеноа и Џенова, чијашто неправилна употреба во реченица или во говорот може да доведе до правење лексичка грешка. Лексичка грешка е кога се користи еден збор наместо друг, бидејќи постојат и двата збора и не може едноставно да се исклучи еден збор, а другиот да се прифати. Поточно, тие се две сопствени именки на работи; употребата на Џеноа или Џенова зависи од тоа на што се однесува: фудбалскиот клуб или градот во кој клубот игра“.
Џенова: Кога се употребува?
Џенова е главен град на регионот Лигурија и исто така е најголемиот и најнаселен град во регионот. Познат е по својата поморска трговија и има едно од најголемите и најважни пристаништа во Италија.
Градот е домаќин на два важни фудбалски тима: Џеноа и Сампдорија.
Во англосаксонските земји, градот Џенова се нарекува Genoa (Џеноа), токму како фудбалскиот тим.
Џеноа: Кога се употребува?
Џеноа е името на италијанскиот фудбалски клуб, чие полно име е Genoa Cricket and Football Club (Џеноа крикет и фудбалски клуб), а се наоѓа во Џенова.
Џеноа, со прекар „Грифон“, е признат како најстар фудбалски клуб во Италија и е исто така клуб што го освоил првото издание на италијанското првенство во 1898 година.
Примери на употреба:
I miei nonni vivono a Genova, ma non sono genovesi.
Моите дедовци живеат во Џенова, но не се џеновјани.
La mia squadra preferita è il Genoa.
Мојот омилен тим е Џеноа.
Кога беше последниот пат кога бевме во Џенова?
Џеноа има освоено 9 Скудета во целата своја историја!
Goran Pandev vive a Genova e giocava nel Genoa.
Горан Пандев живее во Џенова и играше за Џеноа.
Џенова секогаш со Џ
Бидејќи неретко македонските медиуми преведуваат вести од српски медиуми, повеќе пати во минатото се случуваше ширум печатените медиуми да се најде бизарната форма Ѓенова, кога се зборува за градот Џенова. Ова нема никаква допирна точка со македоскиот правопис. Оваа грешка доаѓа поради фактот што на српски градот се вика Ђенова (Đenova), со буквата „Ђ“ (Đ) која на македонски се предава со „Ѓ“. Оттаму, многумина се излажале да напишат Ѓенова, што во никој случај не е точно.
Друга грешка, иако ретка, е употребата на Генова наместо Џенова. Ова доаѓа од непознавање не само на италијанскиот јазик, туку и на општа географија, односно луѓе што никогаш не слушнале за овој град. Го транскрибираат името Genova како Генова бидејќи нели „G“ на латиница е „Г“ на кирилица.
Да резимираме
Џенова – град на северозападот на Италија.
Џеноа – најстариот италијански фудбалски клуб, со седиште во градот Џенова.