Бараме да се почитуваат сите негови права и слободи како новинар, стои во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ
ВМРО-ДПМНЕ бара целосно да се расветли случајот со новинарот Фуркан Слаиу кој денеска беше еден од приведените за време на фудбалски натпревар во селото Средно Коњари поради напад врз полициски службеници.
Од партијата велат дека ja бранaт и во целост ја почитуваат новинарската дејност и слободата на новинарите да известуваат и пишуваат за настаните и темите од јавен интерес, без какви било пречки.
„Секој еден новинар ја има нашата поддршка. ВМРО-ДПМНЕ не поддржува насилство, и осудуваме било каков напад врз службено лице на МВР. Тоа треба да се осуди од сите чинители и доколку се потврди дека тоа е сторено, тогаш сторителот треба да ги сноси сите последици согласно законите и Уставот. Бараме целосно да се расветли случајот со приведувањето на новинарот Фуркан Салиу и да се почитуваат сите негови права и слободи како новинар“,
кажаа оттаму.
Од СДСМ на вонредна прес-конференција денеска го осудија приведувањето на Салиу и обвинија дека за само два месеца, ВМРО-ДПМНЕ покажале како мисли да ја практикува власта доколку ја добијат.
Техничкиот министер за внатрешни работи од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Панче Тошковски, побара политичките партии и новинарскиот еснаф да се воздржат од реакции оти тоа го смета за притисок врз полицијата која, според него, постапува неселективно.