„Во пресрет на изборите, сите политички партии имаат можност да ги стават децата, младите и семејствата во центарот на своите изборни програми и да дадат конкретни ветувања за секое дете да има пристап до квалитетни услуги и повеќе можности да гради подобра иднина за себе и за земјата“, вели претставничката на УНИЦЕФ во земјава, Патриција Диџовани, во отвореното писмо до политичките партии
Претстојните избори во С Македонија се можност за да се изработат политики насочени кон семејството, младите и децата што ќе резултираат со подобра земја – вели во отвореното писмо до сите политички партии во С Македонија претставничката на УНИЦЕФ во земјава, Патриција Диџовани. Овие избори на кои сметаат децата и младите, вели Диџовани, отвораат можности за иднината, а таа иднина, како што нагласува, се гради сега.
„Во пресрет на изборите, сите политички партии имаат можност да ги стават децата, младите и семејствата во центарот на своите изборни програми и да дадат конкретни ветувања за секое дете да има пристап до квалитетни услуги и повеќе можности да гради подобра иднина за себе и за земјата. Kако неполитичка и непристрасна организација, УНИЦЕФ е подготвен да работи со сите партнери за унапредување на правата на децата и обезбедување еднаква шанса за светла иднина за секое дете и секој млад човек“,
се наведува, меѓу другото, во отвореното писмо на претставничката на УНИЦЕФ до политичките партии во земјава.
И покрај тоа што не гласаат токму сега, посочува Диџовани, децата се важен дел од општеството зашто во не толку далечна иднина ќе бидат лидери на своите семејства, заедници и на земјата.
Според претставничката на УНИЦЕФ во земјава, сите партии имаат улога во градење држава каде што сите деца и млади ќе можат да го остварат својот потенцијал. Диџовани додава дека од ратификувањето на Конвенцијата за правата на детето пред нешто повеќе од три децении и од усвојувањето на Агендата 2030 за одржлив развој во 2015 година, земјата постигнала значителен напредок во унапредувањето на правата на децата и адолесцентите, но како што посочува, напредокот кон остварување на правата на секое дете налага континуирани напори.
„Во септември 2022 година, Комитетот за правата на децата ги усвои своите заклучни забелешки за напредокот на земјата во остварувањето на правата на детето, нагласувајќи ги препораките кои бараат итно внимание, во пет области: координација, недискриминација, насилство врз децата, деца со попреченост, здравство и здравствени услуги. Многу од истите овие прашања, вклучително и напорите да се обезбеди квалитетно образование за секое дете, се истакнати во извештајот на ЕУ. Овие препораки може да се користат за дефинирање на клучните и приоритетни политики во вашите изборни програми“,
се вели во отвореното писмо на УНИЦЕФ до партиите во С Македонија.