„По добиената согласност во вторникот, вчера во раните утрински часови започнаа трансплантациите на срце, црн дроб, бубрези и коскени ткива. Упатувам огромна благодарност до семејството на донорот кои повторно не потсетија на важноста, на емпатијата и на хуманоста и во најтешките моменти од животот“, изјави министерот Демири
Мултиорганска трансплантација на органи била изведена вчера, при што еден пациент добил срце, еден пациент добил црн дроб, а двајца пациенти добиле бубрези, информираа од Министерството за здравство.
Во наредните денови, пациенти од Универзитетската клиника за ортопедија ќе имаат шанса да добијат и коскени ткива.
Во допис до медиумите, ресорниот министер Илир Демири упати огромна благодарност до семејството на донорот кое одлучило да ги донира органите од нивниот близок и притоа да спасат најмалку четири животи.
„По добиената согласност во вторникот, вчера во раните утрински часови започнаа трансплантациите на срце, црн дроб, бубрези и коскени ткива. Упатувам огромна благодарност до семејството на донорот кои повторно нè потсетија на важноста, на емпатијата и на хуманоста и во најтешките моменти од животот. Нивната одлука денес значи нов живот за некого, од вчера спасуваме најмалку четири животи. Дарувањето органи е највисокиот чин на алтруизам кој сите нас нè прави подобри луѓе спасувајќи човечки животи. Голема благодарност и до сите медицински тимови кои овие 48 часа работат со пациентите и се грижат за нивното здравје“,
истакнува Демири во својата изјава.
Министерството за здравство посочува дека од 2020 година досега се трансплантирани вкупно 77 витални органи – 11 срца, четири црни дроба, 38 бубрези и 24 коскени ткива.