Изградба на брза пруга Скопје-Солун со 200 километри на час, вели Николоски

Приоритет број еден за Македонија е изградба на брза пруга Скопје-Солун со 200 километри на час којашто целосно ќе ја промени економијата на Македонија, истакна вицепремиерот и министер за транспорт и врски Александар Николоски.

– До крајот на година ќе имаме завршен експресен пат Куманово-Крива Паланка како и експресен пат Прилеп-Градско кој значително ќе ја олесни комуникацијата, интензивно работиме на Охрид-Кичево, а во наредниот период многу ќе се работи на Кичево-Букојчани, на Букојчани–Гостивар, на Гостивар-Тетово како и на Прилеп–Битола. Продолжуваме посветено во интерес на граѓаните – порача Николоски на видеото објавено на Фејсбук.

Во продолжение интегралната изјава на министерот Николоски:

„Навистина е задоволство овие два дена да се биде со министрите за транспорт од Европската Унија. Разговараме на многу важни теми, можеби најважната тема за граѓаните а тоа е поврзувањето како полесно да се стигне од точка А до точка Б. Презентирав што македонската влада прави во овие два и половина месеци. Прво во однос на авиолиниите дека имаме нова политика на субвенционирање која што очекувам следната година да донесе нови дестинации кон скопскиот и охридскиот аеродром, но исто така и некаде над 20 % повеќе патници, повеќе туристи во Македонија, а за македонските граѓаните повеќе можности да патуваат надвор од државата. Во однос на железницата истакнав дека приоритет број еден за Македонија е изградба на брза пруга Скопје-Солун со 200 километри на час која што целосно треба да ја промени економијата на Македонија и која Македонија треба да ја поврзе со главните пристаништа а на север со Централна Европа. Кажав дека интензивно работиме и на изградба на железничкиот Коридор 8 каде што првата секција од пругата кон Бугараија е скоро готова, а втората секција се работи во моментов, а однос на третата секција имаме технички предизвици кои што се надевам дека ќе ги решиме во следниот период како и предизвици во однос на проектирањето а и секако сите други пречки кои што ги спомнав во периодот што беше пред нас. Но се надевам дека ќе најдеме и заеднички јазик со цел да немаме пруга која што завршува во тунел кој не води никаде“, порача Николоски.

Во однос на изградба на автопатиштата, додаде тој, до крајот на година ќе имаме завршен експресен пат Куманово-Крива Паланка како и експресен пат Прилеп-Градско кој значително ќе ја олесни комуникацијата, дека интензивно работиме на Охрид-Кичево и дека во наредниот период многу ќе се работи на Кичево-Букојчани, на Букојчани–Гостивар, на Гостивар-Тетово како и на Прилеп–Битола.

„Ова е една одлична можност да се разменат мислења, но исто така да се поканат потенцијални донори и инвеститори да дојдат во Македонија да донираат и да инвестираат со цел побрзо да ги изградиме проектите што се пред нас”, изјави министерот Николоски.

Пронајдете не на следниве мрежи: