Изложба на скулптури на скулпторот Александар Ефтимовски во Марибор

Во саботата на 17 Септември беше отворена изложбата „Патот на Сонцето“ на македонскиот уметник Александар Ефтимовски. Тој се претстави пред публиката на Марибор – Словенија со 10 скулптури изработени во техниката скулптура во мермер. Изложбата е поставена во галеријата „Содни столп“ во центарот на Марибор и ќе биде отворена до 27 Септември.

Оваа изложба е поддржана од Градот Марибор и Македонското друштво „Билјана“ од Марибор.

Делата претставени на оваа ликовна поставка се фрагменти земени од различните творечки периоди на авторот. Овие дела во галериски формат се изработени во техниката скулптура во мермер. Изложбата „Патот на сонцето“ претставува паралела преку која на симболичен начин го споредува патот на сонцето со патот на ликовното творештво на авторот.

Делата, кои Александар ги претставува на интернационалните и
интерконтиненталните скулпторски манифестации се создадени во својата земја, земја која ние ја нарекуваме „Земја на Сонцето“- Македонија. Материјалите користени за изработка на овие дела имаат првиненција од рудниците во Пелагонската област. Апстрактните и геометриските форми кои Ефтимовски ги негува, на симболичен начин го претставуваат неговиот пат кон ликовното созревање.

Тие можат да бидат интерпретирани од страна на гледачите на свој начин и преку нивната призма на гледање. Апстрактната форма како ликовен израз, преку слободната интерпретација го доближува гледачот поблику до скулптурната форма.

Александар Ефтимовски е роден во Скопје, Македонија. Тој своите ликовни основи ги има поставено во Средното Уметничко Училиште „Лазар Личеноски“ во Скопје. Веднаш по завршувањето на оваа програма тој заминува на додипломски студии на Ликовната Академија во Фиренца, Италија каде што се запознава со мермерот како материјал за изработка на скулптура.

Од тој момент, тој материјал станува примарна материја за неговото ликовно творештво. Неговата љубопитност го носи на Академијата за Ликовни Уметности во Карара, Италија која е светски позната како центар на скулптурата во мермер поради нејзината локација опколена со мермерни планини.

Во периодот и по неговите студии тој учествува на многу меѓународни групни изложби, фестивали и симпозиуми на скулптура. Во неговото досегашно искуство тој им изработено повеке од 20 скулптури во монументална големина кои се поставени во разни градови низ светот.

Денеска тој живее и твори во родниот град.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.