Планот што Израел во моментов го разработува за Рафа ризикува да предизвика огромна штета на цивилното население без да се реши проблемот, вели американскиот државен секретар Ентони Блинкен
Во интервју за Ен-Би-Си, првиот човек на американската дипломатија, Ентони Блинкен вели дека евентуалната голема израелска офанзива во пределот Рафа во Појасот Газа, единствено ќе предизвика хаос и анархија, а притоа нема да помогне во елиминирањето на палестинското движење Хамас. Тој воедно, во интервјуто, призна дека во оваа војна помеѓу движењето Хамас и Израел се убиени повеќе цивили отколку припадници на воената организација.
„Планот што Израел во моментов го разработува за Рафа ризикува да предизвика огромна штета на цивилното население без да се реши проблемот. Сè уште ќе има илјадници вооружени припадници на Хамас дури и со интервенција во Рафа“,
вели Блинкен.
Анархијата според него, ќе донесе повторно враќање на Хамас по примерот на северните делови кои Израел тврдеше дека ги ослободил, каде сега движењето Хамас повторно е поприсутно на терен.
Американските власти јавно се заканија дека ќе ја прекинат испораката на одредени категории оружје на Израел, вклучувајќи и артилериски гранати, доколку Израел започне голема офанзива во преполниот со бегалци град Рафа во јужниот дел на Појасот Газа.
Во меѓувреме, Израел утрово започна со нови напади врз Газа, откако вчера ја прошири наредбата за евакуација на населението од најјужниот град во Појасот, Рафах.
Ова се толкува како дополнителен знак дека израелската војска продолжува со своите планови за копнена офанзива на градот во близина на границата со Египет и покрај засилените повици од меѓународната заедница да се повлече од офанзивата врз Рафах.
Агенцијата за цивилна одбрана на Газа соопшти дека двајца лекари биле убиени утрово во градот Деир ал-Балах во централниот дел на Газа, додека дописниците на агенцијата Франс прес јавија за интензивни судири и тешки пукотници од израелски хеликоптери во близина на градот Газа на север.
Вчера повеќе од 100 000 Палестинци побегнаа од градот Рафах, стравувајќи од израелската офанзива.
Патиштата што водат надвор од градот, како што пишува „Гардијан“, биле „задушени“ со долги колони луѓе, од кои повеќето се движеле пеш, носејќи ги своите работи, додека, како што изјавиле очевидци, Израел, во меѓувреме, извршил воздушни напади во градот во близина на преминот со Египет.