Пратениците денеска во рамки на 145. пленарна седница ги донесоа измените на шесте закони со кои се намалуваат коефициентите на платите на избраните и именуваните лица.
Со ова, ќе се стопира растот на платите на избраните и именуваните лица, но им останува минатогодишното зголемување од 78 проценти.
Со законските измени се опфатени околу 1 060 избрани и именувани лица како што се претседателот, пратениците, министрите, судиите, јавните обвинители, членовите на Судскиот совет и на Советот на јавни обвинители.
Предлог-измените ги поднесе пратеничката група на СДСМ, а вчера на ваквите најави реагираа од Здружението на судии, Судскиот совет и Здружението на јавни обвинители.
За платите на функционерите кои се именувани директно од Владата и не се опфатени со законските промени, се разгледува законска можност за интервенција со владина одлука, а според вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи тоа може да се направи и од управните и надзорните одбори. (МИА)