Портпаролот на израелските одбранбени сили (ИДФ), Даниел Хагари изјави дека Израел одобрил оперативни планови и за офанзивно и за одбранбено дејство откако синоќа Иран го нападна Израел со беспилотни летала и проектили, а сега едно од клучните прашања е дали ќе има одговор од Израел и до кој степен
„Имаме планови за одбрана и напад, но не можам да кажам ништо повеќе од тоа. Нашата цел е да ги заштитиме нашите граѓани“, рече портпаролот на израелските одбранбени сили (ИДФ), Даниел Хагари во изјава за медиумите, пренесе дневник.хр.
Ваквата изјава доаѓа откако „Њујорк тајмс“ објави дека американскиот претседател Џо Бајден го одвратил израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху да изврши одмазднички напад против Иран, кој минатата ноќ лансираше околу 300 беспилотни летала и проектили врз Израел.
„Израел одобри оперативни планови и за офанзивно и за одбранбено дејство. Ќе продолжиме да ја штитиме државата Израел и заедно со нашите партнери ќе продолжиме да градиме побезбедна и постабилна иднина за целиот Блиски Исток“,
рече Хагари.
Претходно, претседателот на Европскиот совет на социјалната мрежа Икс сподели фотографија на која се гледа состанокот на Г7.
With #G7 leaders, we unanimously condemned Iran’s unprecedented attack against Israel.
All parties must exercise restraint. We will continue all our efforts to work towards de-escalation. Ending the crisis in Gaza as soon as possible, notably through an immediate ceasefire, will… pic.twitter.com/BIcrwDWxyV
— Charles Michel (@CharlesMichel) April 14, 2024
„Едногласно го осудивме нападот без преседан на Иран врз Израел. Сите страни мора да покажат воздржаност. Ќе продолжиме со сите наши напори да работиме на деескалација. Завршувањето на кризата во Газа што е можно поскоро, особено со итен прекин на огнот, ќе направи разлика“,
рече Шарл Мишел.
И Саудиска Арабија повика на смирување на ситуацијата поради синоќешните напади на Иран врз Израел.
„Министерството за надворешни работи ја изразува длабоката загриженост на Саудиска Арабија поради воената ескалација во регионот и нејзините сериозни последици“,
велат од МНР на Саудиска Арабија.
Американскиот претседател Џо Бајден му рекол на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху дека САД нема да учествуваат во каква било израелска контраофанзива против Иран, информираше официјален претставник на Белата куќа.
*Насловна фотографија: EPA-EFE/MOHAMMED SABER