ИН МЕМОРИАМ: Виолета Панзова
Виолета Панзова-Наскова * прва жена Доктор на науки
ЖЕНИТЕ ОД СВЕТИ НИКОЛЕ НИЗ ИСТОРИЈАТA
Виолета Панзова-Наскова е родена на 02/07/1948г. во Свети Николе. Потекнува од земјоделско семејство, но со револуционерна традиција. Внука е на Панзо Зафиров – аѓутант на Тодор Александров кого го придружувал на сите средби и преговори за формирање на Автономна македонска држава.
Нејзиниот татко Ванчо Зафиров, во 1941 г., како војник на Кралството Југославија, е заробен од Германците и поминува 9 месеци во логор во Германија. Набрзо по враќањето од заробеништво, се приклучува на Народноослободителното движење, прво како соработник во позадината, а подоцна и како активен борец. Во 1944 година е распределен во ОЗНА. Поради внатрешен судир на сопствените убедувања и однесувањето на ресорот во кој работел кон голем дел од населението, во 1947 година се демобилизира, ја напушта службата и до крајот на својот живот се занимава со замјоделие.
Истата година се жени со Благуна Заркова, исклучително интелигентна и карактерна личност, од с. Пестришино, од некогаш имотно и угледно семејство. Важел за човек со нагласена индивидуалност, правичност, со коректен однос кон другите, заради што бил и особено почитуван.
Виолета, основно и средно образование завршува во родното Свети Николе, со одличен успех, при што III и IV клас од гимназијата ги завршува за една година (1966). Веднаш потоа се запишува на студии по Филозофија на Филозофскиот факултет во Скопје во учебната 1966/67г., и ги завршува во октомври 1970 година.
При крајот на студиите (1969), по повеќегодишна врска, Виолета Панзова се мажи за Богдан Насков (економист), син на угледно и почитувано занаетчиско семејство, на Стојка и Гене Чекеровски, една од најстарите фамилии во градот. Со Богдан имаат два сина–Александар (дипл.електроинжинер) и Кирил (магистер по спортска психологија). Од нив имаат три внучиња: Јана (16), Елена (9) и Борјан (2).
Уште за време на студиите, професорите ја воочуваат надареноста на Панзова и ја ангажираат (III и IV студиска година) за демонстратор по предметот Логика (во учебната 1968/69 и 1969/70г.). За стажант на Групата за филозофија е примена 1971, а во јуни 1972 е избрана за асистент. Во истото звање е реизбирана и во 1975 и 1978г.
Во 1981г. ги завршува постдипломските студии на отсекот Логика и методологија при Одделението за филозофија и социологија на Филозофскиот факултет во Белград, одбранувајќи го магистерскиот труд под наслов: „Семантичките парадокси и обидите за нивно разрешување“.
Во 1982г. е избрана за предавач по предметите: Логика (општ курс), Општа методологија и Марксистичка филозофија. Во истото звање е реизбрана 1985 и 1988 за предметите: Увод во симболичката логика, Историја на логика и Логика (општ курс).
Докторската дисертација под наслов „Можностите за примена на логичките конструкции – Монтеѓуовата граматика и македонскиот јазик“, Панзова-Наскова ја одбранува на Филозофскиот факултет во Белград во 1989г. Во јуни 1990г. е избрана за доцент, од 1995 е вонреден професор, а во мај 2000г. се стекнува со највисокото академско звање – редовен професор.
Во текот на својата работа, изведувала настава по предметите: Вовед во симболичката логика, Историја на логиката, Филозофија на јазикот, Академско пишување – сите на Институтот за филозофија, и по повеќе сродни предмети на другите Институти на Филозофскиот факултет (Логика-општ курс, Општа методологија, Техника на научната работа), како и на други факултети (Економски и Технолошко-металуршки факултет во Скопје, Педагошки факултет во Штип). Во текот на нејзината четиридецениска работа како универзитетски наставник, овие курсеви ги следеле и успешно ги завршиле повеќе од 20 000 студенти.
Проф.Панзова покрај изведување на настава по низа предмети на последипломските студии на Филозофскиот факултет, повеќе години е ангажирана на Филолошкиот факултет, како и на Архитектонскиот факултет во Скопје, по предметот Методологија на научноистражувачка работа. Од отварањето на Школата за докторски студии при УКИМ (2011/2012) д-р Панзова-Наскова изведува настава по предметите Општа методологија на научно истражување и Создавање на научно дело, курсеви кои досега ги избрале и успешно ги завршиле повеќе од 550 докторанти.
Со својата оригинална концепција за логиката како општа теорија на рационалноста, кохерентно ги обединува различните, па дури и спротивставени значења на поимот логика. Потесен научен интерес и е примената на современата логика во анализата и дигитализацијата на природните јазици, со посебен акцент врз македонскиот јазик, за што разви нова логичка апаратура.
Во долгогошната универзитетска дејност проф.Панзова исто така иницираше низа нови подрачја на истражување во рамките на логиката, филозофијата и пошироко, во науката, како што се: Некласични логики, Филозофија на логиката, Филозофија на науката, Современи логички истражувања на природните јазици и др., кои се етаблирани во наставни програми (предмети) на додипломските, последипломските и докторските студии, а за кои има објавено голем број трудови, од помал и поголем обем.
Во досегашната работа, била член на комисии за одбрана на повеќе магистерски и докторски трудови на Факултетот, како и на низа други универзитетски институции во земјата и во странство. Под нејзино менторство се изработени и одбранети повеќе магистерски трудови. Менторка е и на неколку докторски дисертации.
Била раководител на повеќе научно-истражувачки проекти, како и раководителка на Институтот за филозофија во два мандати од 1995 до 1999г. Има учествувано во работата на повеќе научни собири во земјава и странство. Авторка е на повеќе од стотина научни и стручни трудови меѓу кои спаѓаат и седум книги. Објавила голем број стручни и научни трудови во домашни и странски публикации од областа на логиката, епистемологијата и филозофијата на јазикот, меѓу кои и книгите: „Универзалната граматика и македонскиот Јазик“, „Значењето и вистината“, „Логика – општа теорија на рационалноста“, „Семантичките парадокси“, „Науката како занает“, „Логика за 4 година на реформирано гимназиско образование“, „Логички лексикон“, „Прирачник за изработка на студентски трудови“, „Прирачник за изработка на студентски трудови“. Второ издание „Вештината на истражувањето–општи постапки во научната работа“ (во печат).
За особено значајни долгогодишни остварувања за Р.Македонија во областа на образованието и науката, добитник е на највисокото државно признание – наградата „11Октомври“(2006). Добитник е и на низа други признанија и награди од Филозофскиот факултет, Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и др.
Со посветената, студиозна и плодоносна работа на полето на фундаменталните филозофски дисциплини –логиката, епистемологијата, методологијата и сродните подрачја, проф.Панзова даде важен придонес во вградувањето на најсовремените глобални дострели на овие дисциплини во ткивото на македонската филозофска и научна култура.
Со тоа д-р Панзова не само што ги афирмираше резултатите од сопствените логичко-филозофски истражувања, туку создаде и цврста и кохерентна подлога за натамошно унапредување на споменатите подрачја со сознанија произлезени од работата на новата генерација истражувачи во чие изградување таа несебично се вложи, како во професионална, така и во лична смисла. Вредностите на професионалноста, принципиелноста, праведноста, високите стандарди, почитта и соработката меѓу професорката и студентот како подеднакво важни субјекти во процесот на стекнување знаења и заемното човечко изградување низ тој процес, се препознатлив белег на нејзиниот педагошки приод.
Во духот на логичките дисциплини со кои се занимава, но и во духот на личниот образовен идеал, д-р Виолета Панзова-Наскова отсекогаш се спротивставувала на поставувањето на чисто репродуктивниот тип знаење во центарот на образовниот процес, залагајќи се за креирање на интелектуалниот профил на компетентни, самостојни, интелектуално-љубопитни и професионално оспособени критички мислители, кои ќе можат да дадат значајни придонеси во сопствените дисциплини на сите рамништа.
Пронајдете не на следниве мрежи:
©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.