Од официјалниот почеток на „air policing“ мисијата на НАТО во декември 2021 година, небото над земјава стана дел од колективниот систем на Алијансата за воздушно патролирање. Досега воздухопловното патролирање беше доверено на грчкото воено воздухопловство, а отсега тоа ќе се врши со воздухоплови на грчките и на италијанските воздухопловни сили, во координација со военото воздухопловство на македонската армија
Италијанските воздухопловни сили од денеска официјално се вклучија во НАТО-мисијата за воздухопловно патролирање на македонското небо. Техничкиот договор за вклучување на воздухопловните сили на Италија во НАТО-мисијата за патролирање над земјава денеска во Скопје го потпишаа министрите за одбрана на двете земји, Славјанка Петровска и Гвидо Крозето.
По потпишувањето на договорот, Петровска нагласи дека единството на Алијансата се гледа на дело.
„Во деновите кога ја одбележуваме четиригодишнината од членството во НАТО и 75-годишнината од основањето на Алијансата нема подобар пример за единство и колективна одбрана од денешното потпишување на овој договор и официјалното приклучување на Италија во оваа мисија. Овој систем е една од клучните предности кои произлегуваат од членството во НАТО. Често споменуваме дека Алијансата е приказ на сојузништво и единство, но зборовите не можат да го отсликаат тоа што можеме да го видиме на дело – италијански и грчки воени воздухоплови, во координација со македонското воено воздухопловство гарантирајќи ја безбедноста на небото на Северна Македонија“,
порача министерката Петровска по потпишувањето на Техничкиот договор со Италија.
Италијанскиот министер за одбрана Гвидо Крозето порача дека со потпишувањето на овој договор, кој го нарече историски, Италија заедно со Грција ја презема обврската за заштита на небото над С Македонија, дополнувајќи дека сојузништвото во Алијансата значи своите сили да се стават на располагање на други земји кога има потреба.
„Италија има чест што може да даде свој придонес во оваа насока и ѝ благодари на Северна Македонија за довербата“,
рече Крозето.
Од официјалниот почеток на „air policing“ мисијата на НАТО во декември 2021 година, небото над земјава стана дел од колективниот систем на Алијансата за воздушно патролирање. Досега воздухопловното патролирање беше доверено на грчкото воено воздухопловство, а отсега тоа ќе се врши со воздухоплови на грчките и на италијанските воздухопловни сили, во координација со военото воздухопловство на македонската армија.