ИФЈ: Годинава 40 отсто повеќе убиени новинари отколку во 2021 година

 Бројот на новинари и медиумски работници убиени за време на извршување на должноста во 2022 година се зголеми за повеќе од 40 отсто во споредба со минатата година, покажа новиот извештај.

Меѓународната федерација на новинари (ИФЈ) вели дека 67 медиумски професионалци се убиени на работното место во целни напади оваа година, во однос на 47 една година порано, што е пресврт од падот забележан во последните години.

„Порастот на бројот на убиства на новинари и други медиумски работници е сериозна причина за загриженост и уште еден повик за будење за владите ширум светот да преземат мерки за одбрана на новинарството, еден од клучните столбови на демократијата“, изјави генералниот секретар на ИФЈ, Ентони Беланџер.

За зголемувањето на убиствата најмногу придонеле војната во Украина, граѓанските немири на Хаити, како и активностите на криминалните организации во Мексико, соопшти организацијата со седиште во Брисел, која претставува околу 600.000 новинари од 146 земји.

Најсмртоносна земја за медиумскиот персонал беше Украина, со 12 пријавени смртни случаи, додека Северна и Јужна Америка беа најсмртоносните региони, со 29 смртни случаи.

Извештајот, објавен во пресрет на Денот на човековите права, укажува и на зголемување на политичката репресија и евидентира дека најмалку 375 новинари се затворени поради извршување на својата работа, што е за 10 повеќе од минатата година. Повеќето од нив се во Кина, Мјанмар, Турција, Иран и Белорусија. 


Пронајдете не на следниве мрежи: