Најдобриот македонски автомобилист Игор Стефановски – Иџе денеска оствари историски успех станувајќи трикратен европски шампион.
Тој денеска на трките во хрватскиот град Бузет ја освои третата титула Европски шампион за ридски трки, по освоените титули во 2014-та и 2015-та година.
Со тоа Иџе ја завери третата шампионска титула, која и претходно беше очекувана бидејќи имаше бодовна предност од 204 бодови во однос на 176 бодови на Французинот Николас Вервер.
Веста за успехот тој ја сподели и на социјалните мрежи.
-Трикратен европски шампион, за мојата Македонија, за мојот народ 2014/2015/2023. Бидете горди, испишавме нова историја!- порача Иџе.
Тој имаше одлична сезона во европскиот шампионат на ридски патеки и денеска во Бузет дојде до седмата победа од вкупно десет трки колку што се возеа, на три беше втор.
За оваа трка во Хрватска, тимот на Игор Стефановски организираше и автобус за фановите. Околу 50 Македонци минаа преку 1.000 километри за да му дадат поддршка на автомобилистот на патот кон нов трофеј.