Каде исчезнаа близу 1.500 првачиња?

Од 408 запишани првачиња во 2015 година, минатата година во Кичево се запишале само 340 првачиња, што значи дека само за четири години бројот на првачиња е намален за две-три одделенија, односно има намалување за 68 новозапишани деца. Со слични проблеми се соочува и општината Македонски Брод, каде што бројот на новозапишани првачиња секоја година е сѐ помал. Ако таму во 2017 година имало 57 новозапишани првачиња, лани бројката изнесувала 50 првачиња.
На државно ниво во 2018 година како првачиња биле запишани 22.130 деца. Тоа е генерацијата деца што се родени во 2012 година, со оглед на тоа дека во основно училиште се запишуваат деца на шестгодишна возраст. Таа 2012 година, според статистиката, во Македонија биле родени 23.568 деца. Ако се знае дека основното образование е задолжително и дека сите деца треба да бидат запишани на училиште, грубата математика покажува дека од родените деца во 2012 година, 1.483 деца не се запишале како првачиња во 2018 година.


Овие алармантни податоци ги објавува „Нова Македонија“ во својата анализа на тема: „Каде исчезнаа близу 1.500 првачиња“.
-Тука се отвора дилемата каде се овие деца. Дали не се запишани во училиште или, пак, заедно со рoдителите се иселени од земјава? Дали забрзаното иселување на жителите остава длабоки траги врз намалувањето на првачињата во земјава? Според познавачите на состојбите, оваа бројка покажува дека овие деца заедно со своите родители се иселени од Македонија и денес основното образование го почнале во некоја од земјите на Западна Европа. Ако една паралелка во основното образование содржи најмногу до 30 деца, тогаш бројките покажуваат дека над 30 одделенија со деца се иселиле од државата. Демографите велат дека официјалните статистички бројки во земјава не ги следат оние што се иселиле од државата. Но, според процените, велат дека околу 5.000 деца годишно се раѓаат надвор од границите на земјата од родители што имаат македонско потекло или од другите етнички заедници. Се поставува и прашањето зошто никој во Македонија не се занимава со феноменот на демографските трендови и движења на населението, како и со тоа кои се главните причини за ваквата намалена стапка на наталитет, анализира весникот.
„Нова Македонија“: Дали причините за овој тренд се од глобален карактер?
Македонија во 2018 година имала најмал наталитет во својата историја. Статистичките податоци се поразителни од година на година. Покрај малиот број новородени деца, расте и бројот на оние што се иселуваат. Експертите предупредуваат дека со ова темпо Македонија за неколку децении ќе стане држава на стари луѓе.


Ако во 2010 година имало 24.296 родени деца, минатата година таа бројка паднала на 21.333, што е намалување за 2.963 деца.
Социолозите предупредуваат дека на основа на актуелните параметри на демографската карта во Македонија, при проекциите е потребно да се развиваат мерки и активности со долгорочни цели за развој на населението преку поврзување на популациската политика со политиките за работна сила.
Во тој случај, според нив, бенефицијата е со двоен ефект: прво се намалува стапката на емиграциско салдо, а второ се регулира стапката на баланс во трендот на природното движење на населението.
Последното истражување на јавното мислење на тема „Иселување на младите и квалитет на живот“, спроведено од Институтот за политички истражувања од Скопје (ИПИС), во периодот од 10 до 13 јуни годинава, на 1.119 полнолетни испитаници на ниво на целата земја, покажа дека иселувањето надвор од државата е опција дури за 70 отсто од студентите.
Мнозинството граѓани имаат некој близок што веќе се преселил во странство (66 отсто). Една третина од анкетираните размислувале да се иселат од државата (29,1 отсто), и тоа како причина за таков чекор ги наведуваат вработувањето, животниот стандард и подобрата иднина.
Демографите велат дека причините за иселување се комплексни, но како доминантни се издвојуваат вработувањето, вработувањето за добра плата и лошиот систем базиран на непотизам, корупција и неможност за покажување лични афинитети. Велат дека во странските држави веќе одамна постојат институции, во ранг на министерства, што се занимаваат со миграциската состојба, како и со популациската политика во конкретната земја, нешто што за нашата земја не е случај.
Број на првачиња
2018/2019 22.130
2017/2018 21.656
2016/2017 23.266
2015/2016 21.747
2014/2015 21.872
Извор: Државен завод за статистика

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.