За неправилности на плажите во Грција во јули и август биле спроведени 20.500 контроли со опфатени 630 плажи и изречени казни во висина од 8,5 милиони евра, јави дописничката на МИА од Атина.
Како што соопштија од Министерството за национална економија и финансии на Грција, контролите биле и по поднесените пријави од граѓаните преку специјалната апликација „My Coast“ и со помош на новите технологии, како употреба на дронови и сателитски снимки.
Паричните казни се во висина од 8,5 милиони евра, од кои над два милиони се на Кефалонија.
Паралелно, биле издадени и 55 одлуки за затворање на делови од плажите што биле нелегално искористени.
Од друга страна, најголем број поплаки и спроведени контроли имало на Халкидики, во источниот дел на областа Атика поширокиот регион на Атина, на Кикладските острови, на островите во северниот и источниот дел на Егејското море, во Превеза, на Крф и Крит и во јужниот дел на Пелопонез.
Од надлежното Министерство нагласија дека контролите ќе продолжат и во текот на септември и до крајот на туристичката сезона.
Министерот за национална економија и финансии на Грција Костис Хаѕидакис рече дека подобрената слика на плажите во земјата докажува дека го прават она што го велат.
-Се обврзавме дека на плажите ќе доминира законитоста и тоа е сторено на голем дел од плажи, што се покажува со над 20.000 проверки во период од 60 дена и дејствијата што ги презедовме против оние кои беа нелегални, рече Хаѕиѕидакис