Како да ги избегнете црвенилата и лузните на лицето кога носите заштитна маска

Експертите дадоа упатства како да се спречат оштетувањата на кожата што може на сите да ни користат.
Освен социјалната дистанца, заштитните маски, заедно со ракавиците, се нашиот најсилен штит во борбата против коронавирусот, но секојдневното носење маски за лице, особено повеќе часови дневно, може да предизвика сериозни проблеми на кожата, какви што се црвенило, иритација, акни, гребнатини, лузни и модринки. Експертите дадоа упатства како да се спречат оштетувањата на кожата, кои може на сите да ни користат.
Сега кога изолацијата стана нашa новa нормала, повеќето од нас при излегувањето од домот, ги навлекуваат ракавиците за еднократна употреба, а на лицето ставаат заштитна маска. Без разлика дали станува збор за одење во самопослуга, банка, шетање куче или полнење гориво на бензинска пумпа, ние никако не треба да ја прескокнеме оваа мерка за заштита сè додека не помине опасноста од вирусот.
Но, секојдневното носење маски за лице може да има и свои негативни страни, особено ако припаѓате на групата здравствени работници, кои се на првата линија на одбраната од пандемијата.
Некои од нив не ги отстрануваат заштитните маски од лицето повеќе од осум часа на ден, а како последица на тоа, на кожата може да се појави црвенило, иритација, па дури и лузни.
Константното триење на каков било вид ткаенина од кожата може да доведе до иритација. Кога на тоа ќе се додаде и потта, природните масла, нечистотијата и шминката што се собира под маската, иритациите се неизбежни. Тоа може да предизвика осип, па дури и мозолчиња, особено на подрачјето каде што маската директно доаѓа во контакт со кожата. Во ситуацијата со здравствените работници кои со часови носат маски, може да дојде до сериозни оштетувања на кожата, како модринки и лузни.
Причината поради која доаѓа до иритација е првенствено таа дека дишеме директно во маската, поради што во неа се задржува топлина. Кожата во тој момент се поти, што може да доведе до појава на акни, а во комбинација со триењето доаѓа и до иритација. Но, постојат превентивни начини со кои може да се избегне иритацијата.
Земете ја предвид ткаенината од која е направена маската
Не е важно дали сте купиле маска или сами сте ја направиле, запрашајте се од која ткаенина е направена. Тоа може да прави огромна разлика. Избегнувајте синтетички маски под кои кожата повеќе се поти и избирајте маски од природни и меки материјали, каков што е памукот.

Не користете шминка
И покрај фактот што одите на работа, дерматолозите советуваат извесно време да заборавите на шминката. Оставете ја кожата да дише. Шминката може да ги затне лојните жлезди и да предизвика појава на акни и да ја влоши состојбата кај веќе проблематичната кожа.
Без груби и агресивни производи за чистење на лицето
Важно е да се користат ултра нежни средства за чистење и хидратантни кремови, предупредуваат дерматолозите, кои велат дека грубите средства за чистење на лицето, може да го оштетат надворешниот слој на кожата, што доведува до сувост и воспаление.
Исчистете го лицето веднаш по користењето заштитна маска
Според дерматолозите, порите на кожата се како цевки што пукаат под притисок откако ќе се затнат од нечистотија. Потта и нечистотијата што се собираат под маската, ќе ги затнат порите, што ќе доведе до појава на акни. Затоа е важно, по секое користење на маска, да се измијат рацете, а потоа и лицето. Освен со чиста вода, лицето можете да го исчистите и со антибактериски тонер, кој ќе ги елиминира сите бактерии од кожата.


На кожата овие денови ќе ѝ биде потребна дополнителна нега, а особено по користењето на маската. Ако на кожата сте забележале ситни мозолчиња, секојдневно мијте го лицето и користете препарати за спречување појава на акни, а ако кожата е сува и црвена, тогаш посегнете по смирувачки производ за лицето.
Ако сте склони кон иритации, користете хранливи креми директно пред ставање на заштитната маска за да ги спречите црвенилото и иритацијата. Користете смирувачки балсами и масла.
На кожата може да се појават и црвенило, гребнатини и модринки, особено под очите и во пределот на носот, каде што кожата е потенка. Обичен вазелин може да го намали триењето на кожата и да ги заздрави раните, а служи и како одлична бариера меѓу лицето и маската.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.