Како да препознаете психопат?

Иако психопатите обично ги замислуваме како убијци и чудаци што му припаѓаат на некој друг свет, еден научник што му го посветил животот на нивното проучување тврди дека и вашиот колега, пријател, па дури и сопружник би можел да биде еден од нив.
Криминалистичкиот психолог Роберт Хер од универзитетот Британска Колумбија е творец на ПЦЛ-Р тестот, метод кој се користи за да се утврди дали некој е психопат, тврди дека овие луѓе не се способни за каење и емпатија и дека чувствата им се површни.
Во екстремни случаи, сеедно им е дали сте живи или мртви. Некои од нив се насилни криминалци, но тоа никако не важи за сите. Тестот на Хер е едноставен. Станува збор за 20 критериуми од кои секој носи 0 поени (доколку не се однесува на лицето што се тестира), 1 поен (ако делумно се однесува) и 2 (ако целосно важи за тестираниот).


Ова се критериумите, кои, очигледно, не се баш малку:
Елоквентност и површен шарм, огромна самодоверба, патолошко лажење, манипулативност, недостиг од каење, емоционална површност, бесчувствителност и недостиг од сочувство, отсуство на подготвеност да преземе одговорност за сопствените постапки, често чувство на здодевност, паразитски начин на живот и недостиг од реални долгорочни цели, импулсивност, неодговорно однесување, неспособност за контролирање на сопственото однесување, малолетнички криминал, различни кривични дела, повеќе бракови и промискуитетно сексуално однесување.
Вистинскиот психопат би добил 40 поени, а секој што има 30 или повеќе поени, според Хер, „ги исполнува условите“ за дијагноза.


„Постојат луѓе што ги исполнуваат условите да бидат квалификувани како психопати, но не доволно за да предизвикуваат проблеми. Често тоа се наши пријатели, во чие друштво ни е забавно. Можеби понекогаш нѐ искористуваат, но тоа не е толку впечатливо“, вели Хер, истакнувајќи дека, како и аутизмот, психопатијата може да биде изразена во помала или поголема мера, односно да се вклопи во рамките на нормалноста.
Некои особини не мораат по секоја цена да бидат недостатоци, а во одредени околности можат да бидат и корисни. Хер и неговиот колега Пол Бабијак напишал книга со наслов „Змии во костуми: кога психопатите одат на работа“.
Тие анализирале 203 претприемачи и утврдиле дека 4 отсто од испитаните имале прилично висок број поени на ПЦЛ-Р тестот. Ова јасно покажува дека недостигот од морални скрупули и индиферентноста кон маките на другите луѓе „можат да бидат од корист“ ако сакате безобѕирно да напредувате во работата.
За разлика од аутистичните луѓе, кои умеат да бидат длабоко сочувствителни, но главно не се во состојба да ги препознаат знаците како на пример насмевка или мрштење кои откриваат што некој мисли, психопатите многу добро знаат како вие се чувствувате, но самите не можат тоа да го почувствуваат.
„Поради сето ова одделни психопати се во голема предност, бидејќи можат да разберат што мислите вие, но се рамнодушни кон тоа и можат истото да го злоупотребат против вас“, тврди Хер.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.