Според него, потребна е промена на регулативата што овозможува дискреционо право на директорите на клиниките и негова злоупотреба, што, како што рече, би било вовед во посуштински промени во здравствениот систем
Македонија е земја на парадокси, а еден од нив е дека имаме најдобро приватно здравство во регионов, а најлошо јавно здравство. Ова го изјави Арбен Таравари, политичар и доктор на вечерашната панел дискусија, која ја организираше Граѓанската сила „Замисли“, со поддршка на Балканскиот центар за конструктивни политики „Солуција“ и Европската фондација за демократија – ЕЕД.
„Како е можно тоа, кога истите лекари се, во приватното здравство преминуваат лекари од јавното здравство. Значи, до организацијата е“,
рече Таравари.
Најави дека доколку биде министер за здравство една од првите заложби ќе му биде за повторно спојување на Клиничкиот центар во Скопје.
„Што ни беше потребен тој луксуз од 2007 кога се направија 32 клиники со 64 директори, еден здравствен и еден економски и не знам колку членови на управни одбори“,
изјави тој.
Според него, потребна е промена на регулативата што овозможува дискреционо право на директорите на клиниките и негова злоупотреба, што, како што рече, би било вовед во посуштински промени во здравствениот систем.
Доктор Нико Беќаровски од Клиниката за токсикологија рече дека го памети периодот кога лекари се вработувале според регуларна ранг-листа, а не како денес, во зависност од тоа од која партија е докторот.
„Тоа беше во 1990-тите. Сега сме 2024 и треба да сме понапредни, а не сме. Имавме еден од најдобрите медицински факултети, со едни од најсолидните кадри во Југославија“,
рече тој.
Беќаровски рече и дека Европа ни го собира кремот од млади лекари и дека како професор секојдневно е во контакт со млади лекари кои учат повеќе странски јазици.
Тргање на партиските раце од здравството и конечно воспоставување на мерит систем при вработувањата во болниците, е заедничката клучна порака од денешната панел дискусија што ја организираше Граѓанската сила „Замисли“, со поддршка на Балканскиот центар за конструктивни политики „Солуција“ и Европската фондација за демократија – ЕЕД.