Врската меѓу мајката и нејзините деца е една од најважните и најсилните што постојат. Мајките имаат клучна улога во животот на децата, грижејќи се за нивното здравје, безбедност и среќа.
Романската фотографка Михаела Норок успеа да го долови мајчинството низ различни делови во светот, патувајќи низ повеќе од 50 земји и запознавајќи различни култури. Преку фотографијата таа ја документира разноликоста која сепак е иста во едно, а тоа е мајчинската љубов.
На Instagram таа објавува инспиративни приказни за безусловната љубов меѓу мајката и децата.
„Ги фотографирав Хулијана и нејзиниот син Алекс минатиот ноември, високо на планините во Перу. Додека беше бремена, Хулијана преживеа тешка несреќа на тесните патеки на изолираното село. Нејзиното бебе за чудо преживеа.
Но, поради здравствената состојба Хулијана беше принудена да се пресели во блискиот град во кој продолжи да живее по породувањето. Но, таа го сака своето село, планините и чувствува дека тоа е единственото место на кое може заедно со синот и сопругот да се поврзе со Пачамама, најважната божица почитувана од автохтоните луѓе на Андите, позната и како Мајката Земја“, стои во описот на фотографијата.
Проектот The Atlas of Beauty е прекрасна можност да се види убавината на жените, на мајчинството и на љубовта меѓу мајката и децата, без разлика во кој дел на светот живеат.