Киев: Украина е подготвена да го пополни местото на Унгарија во ЕУ и НАТО

Украина е подготвена да го пополни „секое празно место“ во ЕУ и НАТО доколку Унгарија одлучи да го повлече своето членство од овие организации за да им се придружи на блоковите предводени од Русија, соопшти денес нејзиното Министерство за надворешни работи.

„Украина би била подготвена да го пополни секое празно место во ЕУ и НАТО доколку Унгарија одлучи да го испразни во корист на членство во ЗНД (Комонвелтот на независни држави) или ОДКС (Организација на Договорот за колективна безбедност)“, се вели во соопштението на Министерството.

Коментирајќи ја изјавата на унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто дека поради одлуката на Украина да го запре транзитот на руски гас преку нејзина територија се зголемиле цените, од Министерството велат дека изјавите се дел од „политички мотивирана информативна кампања наменета за домашна потрошувачка“, потсетувајќи дека Европската комисија на 1 јануари соопштила дека одлуката немала негативно влијание врз енергетската сигурност на ЕУ или потрошувачките цени.

„Отсекогаш Русија била единствена причина за предизвиците на европскиот енергетски пазар“, се вели во соопштението, обвинувајќи ја Москва дека „со децении“ ја користи енергијата како оружје, но и за уцена и поткопување на енергетската безбедност. Во соопштението се вели дека Унгарија треба отворено да признае дали и е приоритет јакнење на Русија во однос на ЕУ и САД“.

„Доколку Унгарија навистина сака да придонесе за завршување на војната, треба да започне со тоа што нема да го поткопува единството во ЕУ и наместо тоа да работи на зајакнување на енергетската безбедност и независноста на сопствената земја и граѓаните заедно со остатокот од Европа и САД“, се додава во соопштението.

На 1 јануари истече петгодишниот договор меѓу Москва и Киев за транзит на руски гас преку Украина бидејќи таа одби да го продолжи договорот „во интерес на националната безбедност“.

ЕУ започна со пристапни преговори со Украина во декември 2023 година. Киев, исто така, поднесе барање за членство во НАТО во септември 2022 година, неколку месеци откако Русија ја започна својата „специјална воена операција“ во Украина.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.