Кисела Вода е најтранспарентната скопска општина, објави Центарот за граѓански комуникации во своето редовно годишно рангирање на институциите според Индексот на активна транспарентност.
Активната транспарентност на Општина Кисела Вода за 2024 година достигна 98,6% и за трет пат е рангирана во групата на институции со висока активна транспарентност. Во 2022 година, транспарентноста забележа значителен скок од 26 проценти, од 59.2% на 85.5%. Во 2023 година, активната транспарентност се зголеми на 88.4%, а во текот на оваа година се забележа уште еден скок од 10.2 проценти, достигнувајќи вкупно 98.6%.
Под ’активна транспарентност‘ се подразбира објавувањето информации на сопствена иницијатива на институциите, без притоа некој да има доставено до нив барање за пристап до тие информации. Сепак, тоа значи и почитување на законската основа за активната транспарентност на институциите, која се наоѓа, пред сè, во Законот за слободен пристап до информациите од јавен карактер, но и во низа други закони. Освен од регулативата, активната транспарентност произлегува и од добрата практика за проактивно објавување информации и од акциските планови во рамките на иницијативата за Отворено владино партнерство.
„Во последните скоро три години, заложбите и реализираните проекти, со акцент на зголемената транспарентност и дигитализација, овозможија на Општина Кисела Вода да стане дел од мрежата на Партнерството за отворена власт (OGP), бидејќи е избрана меѓу 138 апликанти од целиот свет и е единствената македонска општина која го постигна тоа оваа година“ се вели во извештајот на Центарот за граѓански комуникации