„Книга“ од Жозе Лујш Пејшото објавена на македонски






Издавачката куќа Антолог од Скопје, во рамките на проектот СОЗДАДЕНО ВО ЕВРОПА: МОЌТА НА РАЗЛИЧНОСТА ја објави книгата: „Книга“ од Жозе Лујш Пејшото.

Жозе Луиш Пејшото

Жозе Луиш Пејшото (1974) е португалски прозаист, поет и драматург. Роден е во мало гратче во областа Алентежо. Студирал современи јазици и книжевност на Универзитетот „Нова“ во Лисабон. По студиите бил учител во Португалија и на Зелен ’Рт. Од 2001 година професионално се занимава со пишување. Има објавено тринаесет книги проза, четири збирки поезија, два патописи и две книги за деца. Неговите дела се преведени на повеќе од триесет јазици. Тој е најмладиот добитник на наградата „Сарамаго“ во чест на Жозе Сарамаго. За книгата „Книга“ му е доделена наградата „Салерно“ – книга на Европа за 2013 година.

„Книга“ е летопис за руралниот егзодус во кој над милион португалски емигранти трагаат по својата среќа во периодот меѓу 1960 и 1974 година. Низ очите на ликовите сведочиме за суровата реалност на емигрантскиот живот, но и за истрајната надеж за враќањето.

Писма што не стигнуваат, неуспешни потраги, комплицирани љубови и горчлив-сладок копнеж го исполнуваат овој романтичен роман, во кој болката се претвора во услов на постоењето.

Ненад Трповски

Преводот од португалски на македонски го направи Ненад Трповски.

Ненад Трповски e книжевен преведувач. Дипломирал на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, на катедрите за италијански и португалски јазик и книжевност во 2009 година. Во периодот помеѓу 2011 и 2013 година живеел и работел во Лисабон, Португалија. Како стипендист на португалскиот институт „Камоиш“ завршил и напреден степен по португалски јазик и книжевност на Универзитетот во Лисабон.

– Реклама –








Пронајдете не на следниве мрежи: