Премиерот Димитар Ковачевски денеска остварил средба со претставници од американската бизнис заедница, кои имаат интерес за инвестирање во Македонија.
Како што соопшти владината прес-служба, делегацијата од американски бизнисмени беше предводена од Ерик Мејер, заменик шеф на Мисија во Амбасадата на САД во Скопје, како и специјални претставници од Стејт департментот.
Тема на разговор на денешната средба биле условите за инвестирање во Македонија, посебно во делот на зелената енергија, како и поволностите кои земјата ги нуди за инвеститорите.
Поздравувајќи го интересот на американските компании за инвестиции во државава, премиерот Ковачевски ги охрабри присутните бизнисмени да ги разгледаат можностите за вложување во различни сектори. Тој истакна дека земјата е веќе препознаена од страна на други инвеститори како стабилна и безбедна дестинација за инвестирање, стои во владиното соопштение.
Ковачевски ги информираше присутните дека според актуелната законска регулатива, вкупната финансиска поддршка која може да биде исплатена, не може да надмине 50% од висината на реализираните оправдани инвестициски трошоци. При тоа, додаваат од Влада, тој ги спомена олеснувањата за странските инвеститори, како: повратот на инвестициските трошоци, ослободувањето од плаќање комунални такси на локалната самоуправа и такси за земјиште за одобренија за градба, како и олеснувањата во однос на даноците.
Ковачевски, ги запозна претставниците од американските компании, дека Владата во наредниот период ќе се фокусира на целосно регионално патно, железничко, инфраструктура и енергетско поврзување. За таа цел, премиерот на состанокот говореше и за проектите чија реализација е тек, како и идните планови за регионално и меѓународно поврзување, додаваат од владината прес-служба.
На состанокот присуствуваа претставници од Ексим банка, Иновацискиот фонд за енергетика на Безос, Сименс Енерџи, заменик претседател на американско централно европската бизнис асоцијација и други.
Пронајдете не на следниве мрежи: ©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.