Тој во гостувањето синоќа на Алсат телевизија изјави дека ќе ги поддржат уставните измени доколку се прифати нивниот амандман за борба против корупцијата со кој се предвидува да нема застарување на овие кривични дела.
Според него, прашањето зошто Алтернатива веќе не е дел од Владата треба да му се постави на премиерот и на останатите коалициски партии.
„Ние истакнавме дека за нас е особено важно да бидеме верни на договорот. Ние влеговме во Владата на крајот на 2021 година со објавен договор и останавме верни на тој договор и целиот наш политички пат во Владата во текот на 2022 година беше ориентиран во функција на реализација на тие точки од договорот и на крајот премиерот одлучи да смени правец и да ја смени Алтернатива со друг партнер“, рече Гаши.
Смета дека Ковачевски и Ахмети, покрај политичкото самоубиство што го извршиле, ја убиле и европската иднина на државата.
Во однос на неговиот поранешен сопартиец Скендер Реџепи-Зејд, Гаши одговори дека Реџепи не бил дел од договорот за владеење.
„Во моментот кога влеговме во Владата, и Ковачевски и Заев знаеја дека разговараме со тројца пратеници, а еден пратеник се договори на своја рака со Заев. Значи тој пакет и овој договор е потпишан за тројца пратеници. Тие добро знаат“, додаде Гаши.
Во однос на заменик-министерот за култура Даим Лучи, за кој смета дека е сѐ уште член на Алтернатива, Гаши рече дека доколку не биде разрешен тогаш неговото останување во Владата ќе биде уште една потврда дека има некаков договор.
„Како партија треба да одлучиме што ќе правиме со луѓето што заминуваат и не ги почитуваат партиските одлуки бидејќи одлуката за повлекување од Влада и за излегување во опозиција е едногласно усвоена на Централното собрание. Ќе го дискутираме во партијата неговиот потег и ќе одлучиме што ќе правиме, бидејќи е прекршување на одлуката на партијата“, вели Гаши.
Во предлогот за реконструкција на Владата што премиерот Димитар Ковачевски го достави до Собранието, заменик-министерот Даим Лучи, кој е избран на предлог на Алтернатива, не е на листата за смена. На листата предложени за разрешување се тројцата министри и двајца од заменик-министрите од редовите на партијата на Африм Гаши.
За влез во Владата во 2021 година, според договорот Гаши-Заев, Алтернатива доби три министерски места, три места на заменици министри и директорски позиции во неколку институции на централно и локално ниво.
Пронајдете не на следниве мрежи: