„Имаше ревизорски извештај за работата на МЕПСО, но Владата не може да се меша во работата на државниот електропреносен систем на ниво на дневно управување. Јас не сум обвинител или судија, но ако е направено нешто спротивно на законот, нормално дека ќе треба да се сноси одговорност“, кажа на денешната прес-конференција премиерот Димитар Ковачевски во одговор на новинарско прашање.
Тој потенцираше дека имало ревизорски извештај за работата на МЕПСО. Таму, како што додаде, веќе има и нов генерален директор директор и нови членови на Управен одбор.
„МЕПСО е независно во своето управување, бидејќи има органи на управување. Тоа е согласно европските регулативи и согласно со правила на европската енергетска заедница. Владата не може да се меша во работата на државниот електропреносен систем на ниво на дневно управување. Затоа, во оваа држава постојат органи кои испитуваат дали некој правилно работи, треба да се провери книговодствениот третман, дали се работи за отписи или за резервации на ненаплатени побарувања, и трето, на Управниот одбор на МЕПСО е да определи колкави гаранции ќе бара во делот на обезбедување на балансна енергија или кој било тип на енергија кој што тие го користат. Се работеше за тежок период кога тие долгови беа направени“, додаде Ковачевски.
Како што кажа, во тој период имало недостиг на електрична енергија како во државата така и на европскиот континент. „Имаше енормно покачување на цените кои компаниите тешко го менаџираа, а на менаџментот на МЕПСО останува тие средства да ги наплати и да спроведува постапки кои ќе обезбедат заштита пред се на интересот на компанијата и на државата, бидејќи се државни претпријатија“.
Премиерот потенцираше дека ако е направено нешто спротивно на закон, тогаш ќе треба да се сноси одговорност.
„Ако е направено нешто спротивно на закон, нормално дека треба да се сноси одговорност. Но, јас не сум обвинител или судија, поминаа времињата кога политичар беше и претседател и обвинител и судија. Оставам на правосудните органи да утврдат дали имало некакво постапување спротивно на законот“, додаде Ковачевски.
Пронајдете не на следниве мрежи: