Колку рекети скрши Ѓоковиќ во целата своја кариера?! Надал само 1, Федерер 11

Далеку е од рекордерот Марат Сафин.

Новак Ѓоковиќ во неделата скрши уште еден рекет во кариерата за време на финалето на Вимблдон и поради тоа беше казнет со околу 8.000 евра .

Во петтиот сет, откако Карлос Алкараз направи решавачки брејк во мечот, српскиот тенисер збесна и со сета сила го погоди столбот што ја држи мрежата и го искрши рекетот на парчиња, за што судијата изрече опомена.

И покрај тоа, Новак не е ниту првиот ниту последниот тенисер кој кршел и ќе крши рекети на своите мечеви, ниту е „најлошиот од сите деца“ по бројот на скршени рекети.

Ова е 54-ти рекет што го скрши за време на натпревар во кариерата.

Вистина е дека тоа далеку помалку го направија неговите најголеми ривали Роџер Федерер и Рафаел Надал.

Според достапните статистики, пензионираниот Швајцарец во текот на целата своја кариера скршил вкупно 11 рекети. Од друга страна, речиси неверојатно звучи што Шпанецот само еднаш го скршил рекетот на своите натпревари.

И навистина кога ќе погледнете некои компилации на Јутјуб, шпанскиот тенисер го удираше рекетот со раце или го удираше со нозете, но никогаш директно не удри со рекетот по подлогата.

Кога станува збор за оние кои не ги штедеа своите рекети, на прво место секако е Марат Сафин, некогашното палаво момче на светскиот тенис, кој во кариерата уништи дури 700 рекети. Тој секако е близок со тренерот на Новак, Горан Иванишевиќ, за кого постои посебен куриозитет.

Имено, кога Хрватот беше активен тенисер, еднаш мораше да се откаже од мечот бидејќи ги скрши сите три рекети и немаше со што да игра. Тоа беше во 2000 година на Самсунг Опен против Хјунг-Таик Ли.

Секако, не треба да ги заборавиме и пргавите Џон Мекинро и Енди Родик, кои многу добро ја истураа фрустрацијата врз рекетот, што понекогаш навистина добро им доаѓа на тенисерите, а често се случуваше потоа да одиграат подобро и да го добијат мечот.

Интересно, поранешниот тенисер Пет Кеш откри дека Борис Бекер, воедно и поранешен тренер на Ѓоковиќ, бил многу внимателен со опремата и дека може да игра со истиот рекет една година и повеќе.

Пронајдете не на следниве мрежи: