Познавачите на економски теми сметаат дека поради санкциите што ЕУ ги воведе кон Косово, косовските компании ќе се соочат со милионски загуби, пренесува РТВ 21.
Претставникот на компанијата „Еурометал“ Нијази Муслиу вели дека санкциите ќе предизвикаат компликации во многу области.
„Најпогодени сме од примената на казнените мерки против Косово и Владата, што е многу негативно. Доколку има мерки ќе треба да ги раскинеме договорите, што значи дека ќе бидеме принудени и да отпуштаме вработени, а компанијата ќе се соочи со милионски казни“, рече тој.
Министерството за економија пред неколку дена потврди дека Косово е изоставено од програмата на ЕУ за Балканот, која има за цел да ја забрза дигиталната трансформација на Европа и да обезбеди финансирање на проекти од областа на технологијата и иновациите.
Претседателот на Бизнис алијанса на Косово, Агим Шахини, вели дека со воведувањето на мерките на ЕУ, Косово ризикува да загуби над 500 милиони евра во проекти.
„Останува да се види како ќе се одвиваат политичките настани и какви ќе бидат политичките одлуки на владата, бидејќи тогаш Косово може да загуби над 500 милиони евра на проекти. Во секоја област имаме поддршка од Европската комисија од различни светски финансиски фондови, вклучително инфраструктура, судски систем, бизнис, економија, ИТ, здравствени услуги, образование и се друго“, посочува Шахини.
Економистот Сафет Грџаљиу смета дека сегашната ситуација може да се реши само со дијалог меѓу Косово и Србија.
„Процесот на интеграција е забавен, тоа е лошо за имиџот на Косово. Од психолошка гледна точка, мислам дека на граѓаните на Косово не им е лесно да се прилагодат на таква мерка. Затоа, сметам дека мора да се разбере важноста од продолжување на дијалогот, бидејќи нема алтернатива“, смета Грџаљиу.
Пронајдете не на следниве мрежи: ©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.