Косовската полиција заплени оружје кај Звечан, приведен поранешен полицаец

Директорот на косовската полиција информира дека едно лице, поранешен косовски полицаец, веќе е приведено, бидејќи се сомничи дека е поврзано со оружјето кое било пронајдено во близина на неговата куќа

ФОТО: МИА

Околу 1 500 парчиња муниција, 10 долги пиштоли, 62 шок бомби, експлозиви, радио врски, полни и празни шаржери и една униформа на српската војска запленила косовската полиција вечерва по рациите кои ги извршила во околината на Звечан, односно во тамошната населба Рударе.

Генералниот директор на косовската полиција, Газменд Хоџа, како што пренесуваат косовските медиуми, во изјава рекол дека косовските власти конфискувале значителни количини оружје за кое постои сомневање дека останало таму по нападот на српска вооружена група на 24 септември минатата година во Бањска кај Звечан.

Хоџа вели дека полицијата ги обезбедила информациите за местото каде што е пронајдено оружјето од граѓани и од Косовската разузнавачка агенција (АКИ).

Директорот на косовската полиција информира дека едно лице, поранешен косовски полицаец, веќе е приведено, бидејќи се сомничи дека е поврзано со оружјето кое било пронајдено во близина на неговата куќа.

Од нападот на 24 септември во Бањска во Звечан, косовските власти неколкупати презентираа конфискувано оружје во северниот дел на државата, населен со мнозинско српско население.

Во септември 2023 година, српска вооружена група ја нападна косовската полиција во Бањска, при што го уби наредникот Африм Буњаку.

Во размената на огнот што уследи по нападот загинаа тројца од напаѓачите.

Косово тврди дека Србија е одговорна за организирањето и извршувањето на нападот, додека Белград го негира тоа, тврдејќи дека тоа било резултат на незадоволството на косовските Срби од однесувањето на Владата на премиерот Албин Курти кон нив.

Пронајдете не на следниве мрежи: