Невообичаен закон од 2004 година во Франција, кој никогаш не бил искористен, за првпат е ставен во функција преку две од обвиненијата за познатиот техномилијардер Павел Дуров, пишува Политико. Тројца правни експерти за медиумот велат дека никој од големите техно-гиганти во Европа како Фејсбук, Епл и други не знаел дека некогаш порано во Франција имало обвиненија за т.н. „криптирање“, односно шифрирање на комуникацијата по интернет.
Во с’ржта на законот е обврската секоја компанија која нуди алатки за криптологија да ја извести француската агенција за сајбер безбедност АНССИ и да ѝги даде на располагање „описот на техничките карактеристики на алатката за криптологија“, како и изворниот код на софтверот.
Законот, пишува Политико, е невообичаен, особено во западните демократии, каде што владините манипулации со приватната комуникација на луѓето се гледаат како пречекорување на државната моќ. Статијата вели дека законот се споредува со неодамна ревидираниот закон за шифрирање во Кина, којшто критичарите го сметаат за државен надзор кој е наложен преку законски барања.
Исто така, „изненадувачките обвиненија значат дека услугите за шифрирани пораки беа оставени збунети за да се осигураат дека не го прекршуваат францускиот закон“, се вели во статијата.
Според Политико, сега технолошките корпорации во Европа се нервозни, а уште понервозни ги прави молкот на оние кои се залагаат за шифрирање на комуникацијата на интернет. Уште нема јавна дебата во Франција во врска со овој проблем.
Реагираа и некои од поголемите технотајкуни. Извршниот директор на „Протон“, технолошки провајдер кој овозможува услуги кои ја штитат приватноста, на пример испраќање енкриптирани мејлови за клиенти, на Икс напиша дека „ова е економско самоубиство и брзо и трајно ја менува перцепцијата на основачите и инвеститорите“.
За што беше обвинет Дуров? Во едно од вкупно 12 обвининенија технолошкиот тајкун со руско потекло се сомничи дека нудел технолошки услуги „без заверена изјава“, додека во друго обвинение тој се сомничи дека во Франција увел шифрирана апликација, Телеграм, „без претходна декларација“.
Други социјални мрежи и апликации, како Ватсап, Сигнал или АјМесиџ на Епл користат шифрирани пораки.
Некои критичари тврдат дека тоа што Телеграм не е стандардно шифрирана апликација го отежнува вклучувањето на шифрирање од крај до крај за нејзините корисници.
– Фактот дека Телеграм всушност не е шифрирана услуга од крај до крај, и покрај нивниот погрешен маркетинг, ја прави нивната тешка ситуација потешка, со оглед на тоа што тие всушност имаат пристап до податоци што би можеле да ги користат за цели против злоупотреба, доколку одлучеле така – рече Метју Хоџсон, извршен директор на „Element“ и ко-основач на „Matrix“, две шифрирани комуникациски технологии.