Високиот претставник на Европската Унија за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, по повод годишнината од Охридскиот договор рече дека крајно време е и Косово и Србија да стават крај на сегашниот маѓепсан круг на кризи и тензии и да преминат во нова, европска ера, објави Н1.
„Утре се одбележува првата годишнина од Договорот за патот кон нормализација што Косово и Србија го склучија во Охрид, Северна Македонија. Договорот и анексот за негова имплементација се постигнати по неколкумесечни интензивни преговори со олеснување на Европската Унија за да им се помогне на страните да направат чекор напред во нормализацијата на нивните односи“,
се вели во писмената изјава на Борел.
Според него, постигнувањето договор „кој ветува мир, стабилност и добрососедски односи“ е значајно достигнување.
„За прв пат за време на Дијалогот поддржан од ЕУ, страните се договорија за јасни параметри кои ја дефинираат траекторијата на процесот за нормализација на нивните односи. Овој Договор и неговата имплементација јасно ќе покажат дека иднината на двата партнера е во Европската Унија“,
смета Борел.
Борел изрази жалење што и покрај напори на ЕУ и пошироката меѓународна заедница досега, според него, има многу ограничен напредок и од Приштина и од Белград во спроведувањето на обврските што ги прифатија во овој договор.
„ЕУ постојано потсетува дека Договорот во целина е обврзувачки според меѓународното право. Затоа, секој недостиг на имплементација не само што ја загрозува европската интеграција на страните, туку и го нарушува нивниот углед како кредибилни и доверливи партнери“,
вели Борел.
Тој порача дека крајно време е Косово и Србија да стават крај на сегашниот маѓепсан круг на кризи и тензии и да преминат во нова, европска ера“.