Лавров повика да не се учествува на мировната конференција за Украина во Швајцарија – „Сакаат да постават ултиматум за Русија“

Шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров ги повика земјите да не подлегнуваат на притисокот на Западот и да не учествуваат на мировната конференција за Украина во Швајцарија.

Како што рече на тркалезната маса во Дипломатската академија на Министерството за надворешни работи на Русија, конфронтацијата доби глобална проекција, бидејќи Западот ги вовлекува во неа земјите од светското мнозинство, обидувајќи се да ја ограничи нивната соработка со Русија.

Министерот ги повика земјите да не подлегнуваат на притисокот на САД и да одбијат да учествуваат на „мировниот самит“ што се организира во Швајцарија на 15 и 16 јуни.

Тој нагласи дека целта на конференцијата не е да се разговара за можностите за решавање на украинската криза, туку да се излезе со неприфатлив ултиматум до Русија.

Во јуни, Швајцарија ќе биде домаќин на мировната конференција за Украина, која ќе се одржи во близина на градот Луцерн. Русија нема да биде присутна на настанот. Портпаролот на руската амбасада во Берн, Владимир Холов, претходно за Спутник изјави дека Швајцарија на Русија не ѝ испратила покана за учество на самитот за Украина, но дека Москва во никој случај нема да учествува.

Како што соопшти Министерството за надворешни работи на Швајцарија, на мировната конференција на ниво на лидери на држави и влади ќе бидат поканети околу 120 земји.

Претседателката на Република Македонија, Гордана Сиљановска Давкова, изречно не потврди дека ќе присуствува на настанот, меѓутоа на Фејсбук се заблагодари на поканата.

– Благодарност за поканата од претседателката на Швајцарската Конфедерација, Виола Амхерд, за мое учество на Самитот за мир во Украина, што ќе се одржи на 15 и 16 јуни во Швајцарија.

Претстојниот самит претставува добра можност за обезбедување платформа за дијалог за сеопфатен, праведен и траен мир во Украина. – напиша Сиљановска на Фејсбук и Твитер.

Пронајдете не на следниве мрежи: