Лестер во четвртфиналето по продолженијата, Њукасл на пенали



Лестер Сити и Њукасл Јунајтед им се приклучија на Манчестер Сити и Ковентри Сити во четвртфиналето на англискиот ФА Куп, победувајќи ги своите ривали по продолженијата и пенал рулетот.

Фудбалерите на Лестер Сити се пласираа во четвртфиналето преку дополнителни 30 минути на гостувањето кај Бурнмаут. Гол вреден за пласман меѓу најдобрите осум екипи во ова натпреварување постигна позајмениот играч од Спортинг Лисабон, 19-годишниот напаѓач од Гана Исахаку Фатава во 105. минута.

Њукасл Јунајтед гостуваше кај Блекбурн Роверс, но на „Ивуд Парк“ победникот не беше решен ниту по 120 минути игра. Во основните 90 минути резултатот беше 1:1. Гостите поведоа во 71. минута со голот на Ентони Гордон, а израмни Семи Шмодич во 79. минута.

Во дополнителните 30 минути немаше голови, па одлуката беше донесена во изведувањето на удари од 11 метри. Улогата на херој му припадна на гостинскиот голман Мартин Дубравка, кој го запре ударот на Шмодич во првата серија и на Доминик Хајам во петтата. Четворица играчи на Њукасл беа прецизни, што беше доволно за пласман во четвртфиналето.

– Реклама –

Пронајдете не на следниве мрежи: