Летото е едно од омилените годишни времиња за повеќето луѓе, но кога ќе дојдат жешките летни денови, најмногу од сѐ сакаме да се разладиме. Најлесно и идеално решение е климатизирана просторија, но не можеме секогаш да си го дозволиме тоа.
Ладната вода е во ред, но сигурно сте слушнале дека во некои „жешки“ земји налето пијат топол чај.
Во продолжение ќе ви понудиме слични совети, кои ќе ви го направат летото уште поомилено и попријатно.
Најдобро е да патувате со автомобил
За родителите со мали деца автомобилот е најдобриот начин за патување. Децата секогаш мора да бидат сместени на задното седиште, а до петтата година во посебно седиште за деца, кое ќе биде прицврстено со сигурносен појас.
Јадете лесна храна за време на патувањето
Во текот на патувањето пожелно е да се јаде за време на некој краток одмор. Не се препорачува да консумирате јадења што се подложни на расипување при повисоки температури. Најдобро е да понесете пакувано сирење, јогурт или слично, особено ако имате мало фрижидерче, кое ќе спречи храната да биде топла. Разладени овошни сокови, приготвени од свежо овошје, или индустриски сокови со мало количество шеќер се практични за на пат како освежување како за децата така и за возрасните. Сепак, водата е најдобар пијалак што ќе ја угаси жедта.
Хигиената на прво место
Понесете доволно влажни марамчиња, затоа што на пат сепак треба да се одржува основната хигиена, па ако нема вода, децата треба да ги избришат рацете со марамчињата пред да јадат.
На плажа
Пред да одите на летување, добро проверете каква е плажата, дали има сенки, каков е песокот, дали има тушеви и слично. Наутро поминете околу два часа на плажа, но никако не подоцна од 10-11часот, затоа што сонцето помеѓу 10 и 17 часот е најсилно. Попладне децата може да си играат на плажа и нема да имаат изгореници, а со малку внимание убаво ќе поцрнат.
Кремови и млека со висока УВ-заштита
Детската кожа е осетлива на сончевите зраци, како на оние топлинските така и на УВА и УВБ-спектарот од повеќе причини. Па, затоа, користете кремови со висок процент на заштита од штетните сончеви зраци, кои можат да предизвикаат сериозни изгореници по телото на вашите деца, како и на вашето. Доенчињата не се во можност со потење да ја намалат зголемената температура, така што во тој период се осетливи на топлотен удар и висока надворешна температура. Доенчето до шестиот месец не смее воопшто да се сонча, а престојот на плажа треба да се планира многу внимателно. Детето треба да се облече во памучна облека и да се држи во ладовина или под чадор за сонце, кој дава добра сенка. На главата секогаш треба да му ставате капа со штитник.
Бањање
Никогаш не присилувајте ги децата да бидат во море ако тие не го сакаат тоа. Детето постаро од една година секогаш треба да има гаќички, а ако го пречекорило времето за сончање, облечете му и памучна маица. Водената кожа придонесува за појава на изгореници, затоа што капките вода дејствуваат како под лупа. Затоа се препорачува туширање и бришење со крпа и повторно нанесување крем за заштита.
Очила за сонце
Како и кај возрасните, така и на детските очи им треба заштита од сончевата светлина, поради честата појава на воспаленија, кои се јавуваат по подолг престој на сонце како последица на дејствувањето на ултравиолетовите зраци. Потрудете се да купите квалитетни очила со темни стакла што имаат соодветни филтри за сончевите зраци. Не треба да купувате очила од пазар и на места каде што не се квалитетни, затоа што таквите очила повеќе штетат отколку што помагаат.
Облека и обувки
Облеката приспособете ја според местото на летување. Ако одите на море, земете комотна, широка облека, која не ве стега и не е припиена за телото. Најдобро е да се избере облека од памук, која лесно се пере, која е мека и нема да ве нервира кога ќе се потите. Секако, земете и шешир или капа што ќе ве штити од сонце. Не заборавајте папучи за море, кои ќе ви овозможат полесно одење на плажа. Костимот за капење треба исто така да биде обичен, платнен, не од латекс, кој ќе ве стега околу стомакот. Уште подобро, земете дводелен костим за капење во кој ќе се чувствувате удобно.
Прирачна аптека
Кога одите на одмор секогаш со себе носете мала патна аптека. Покрај крем, масло или лосион за сончање, не треба да заборавите средство против комарци, како и кремови против каснувања. Можете да земете и аналгетици против болки. Исто така не заборавајте витамини, ханзапласт, алкохол и завој.