Државата е во фаза кога воведените мерки се најстроги, денеска е прв ден од викендот со целодневен полициски час. Од вчера од 16 часот жителите на нашата држава ќе останат во своите домови до понеделник до 5 часот наутро, каде ќе поминат 61 час во обид да се намали ширењето на коронавирусот, кој до денеска одзеде 32 животи и заболе 711 лица.
Од забраната изземени се полицијата, армијата, здравствените работници, а исто така не важи и за маркетите и рестораните кои се доставувачи на производи. Аптеките ќе работат непречено.
Со почитување на мерките, според министерот за здравство Венко Филипче се инвестира во сопственото, но и во колективното јавно здравје. Забраната, како овој викенд, ќе важи и за време на претстојните верски празници.
Министерството за внатрешни работи, пак, како што најави дополнителната министерка Славјанка Петровска е целосно подготвено да одговори на задачите за време на продолжениот викенд полициски час.
За време на полицискиот час Државниот пазарен инспекторат во секој град има дежурни екипи кои ќе вршат проверка на маркети кои работат и дали имаат соодветни дозволи, изјави директорот на државниот пазарен инспекторат Стојко Пауновски.
– Освен маркети кои се определени од Кризниот штаб во градовите, другите немаат право да работат и доколку бидат затечени дека работат ќе бидат санкционирани, нагласи Пауновски.
Појасни дека за сите угостителски објекти на кои е направен записник и се затворени од страна на Државниот пазарен инспекторат, најпрво се доставуваат платни налози за глоба, па доколку не се платат во определениот рок, тогаш се упатуваат на суд.
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги известува сите земјоделци кои не се евидентирани во Единствениот регистар на земјоделски стопанства (ЕРЗС), а кои имаат потреба за извршување на земјоделски активности во деновите од викендот (11-12 април), телефонски да ги известат Општинските кризни штабови во местото на живеење каде ќе ја најават потребата од дневна земјоделска активност.
-Потребата за движење неевидентираните земјоделците треба да ја најават во Кризните штабови, еден ден однапред најдоцна до 20 часот. При тоа треба да дефинираат точно време и место на извршување на земјоделските активности, информираат од Министерството за земјоделство.
Оттаму напоменуваат дека Општинските кризни штабови нема да издаваат дозволи за движење, туку само ќе ги евидентираат земјоделците кои го пријавиле своето барање за непречено движење поради извршување земјоделски активности, а потоа списокот на лица ќе биде доставен до надлежните полициски организациски единици (Одделение, станица, ОВР, СВР).
Покрај 61 часовниот полициски час во самоизолација уште седум дена ќе останат лидерите на двете најголеми политички партии СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Заев и Христијан Мицковски кои вчера се тестираа на коронавирусот и двајцата имаат негативни резултати. (MИА)