Македонија не ја искористи првата „меч топка“, пораз од Грција во квалификациите за ЕП

Одбојкарската репрезентација на Македонија загуби од Грција во Скопје со 1-3, во вториот натпревар од квалификациите за Европското првенство. Иако избраниците на Хари Наковски тргнаа со освоен сет, гостинот успеа со пресврт да дојде до победата. Средбата се одигра во СЦ „Јане Сандански“, пред одлично пополнети трибини.

Нашите одбојкари одлично го отворија мечот, поведоа уште од стартот и си направија разлика од четири поени. Водеше Македонија 8-5, а потоа успеа да направи серија од 6-1 и се одлепи. Предноста достигна највисоки девет разлика во два наврати пред завршницата на сетот. Во неа момците на Наковски рутински го затворија со 25-15. Вториот сет тргна израмнето, меѓутоа тогаш Грците го кренаа нивото на игра. Тие презедоа контрола, изградија предност и се одлепија на 8-15. Некое време македонските одбојкари не успеваа да се вратат, а потоа пријдоа на 16-18 и 17-19. Сепак, Грција се консолидира и со добра серија го доби сетот со 18-25. 

Македонија подобро го отвори третиот сет, се играше израмнето до 7-7 кога гостинот врза четири поени во низа (7-11). Поведе Грција и со 13-18, а тогаш Македонија одговори со серија од 6-0 за минимално водство. Иако имавме 21-20, гостинската селекција со 23-25 го сврте натпреварот во своја корист. Најважниот за нас четврти сет тргна со 2-6 на Грците. Имаше Македонија свои моменти, пријде на „минус еден“ (8-9), а потоа пак ривалот се одлепи. Во завршницата на сетот по 20-23 дозволивме два поени во низа и гостинската репрезентација со 20-25 го затвори мечот во своја корист. 

Возбудувањата од квалификациите за Европското првенство за нас ќе продолжат следната година со мечот дома против Грузијците (28 јуни), а потоа во август ѝ гостуваме на Грција. Шансите за Европско првенство не се загубени, освен првопласираните селекции во групите понатаму одат и пет од седум второпласирани репрезентации.

Извор: Гол.мк

Пронајдете не на следниве мрежи: